Премиерот Христијан Мицкоски информира дека тој и неговите соработници не се тие кои што како политичари треба да судат дали е прекршен некој билатерален договор. Како што истакна, само Меѓународниот суд за правда во Хаг носи пресуда дали е прекршен Преспанскиот договор.
-Се додека ние политичарите коментираме судски одлуки и кажуваме кој прекршил или не, создаваме преседани. Кога еднаш ќе се создаде преседан во меѓународното право, може да има глобални импликации. Не сум јас тој кој што суди дали Мицотакис или некој по нив ќе го прекрши. Судот треба да докаже, рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на нова градинка во општина Гази Баба.
Околу изјавата на шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски за одложена примена на уставните измени и дека наишол на разбирање од страна на дипломатите, премиерот посочи дека тоа е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека направивме премногу како народ во минатото.
-Сменивме знаме, менувавме грб, менувавме под притисок банкноти, Устав неколку пати, име… Се што можеше да се смени за да бидеме понижени како народ, направивме. Не знам уште што остана. И секогаш без исклучок ни беше кажувано, уште само ова и тоа е последно…
Едно од решенијата е и ова. Не сме ние политичарите кои треба да судат чии човекови права се нарушени. Си има институција и се вика Суд за човекови права која 14 пати донесе пресуда во корист на Македонците во Бугарија дека им се нарушени правата и ниту една пресуда за нарушување на правата на Бугарите во Македонија, додаде Мицкоски.
Премиерот праша „што ќе се случи ако утре некоја нова влада во Бугарија ни каже дека не можеме да продолжиме со преговорите со ЕУ се додека не прифатиме дека Илинденското е бугарско-преображенско востание“ или дека „Гоце Делчев и Даме Груев биле Бугари?“.
Муцунски пред неколку дена изјави дека Македонија е подготвена да ги внесе Бугарите во Уставот согласно Преговарачката рамка, но тие да стапат на сила кога земјава ќе влезе во ЕУ.