Мицкоски на Мечкин Камен: Секоја генерација треба да создава дела и мемории за тоа како се гради и инвестира

од Илинка Илиоска
39 прегледи

На прославата на 121-годишнината од Илинденското востание на Мечкин Камен во Крушево, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во својот говор нагласи дека борбата за иднината на земјата продолжува и дека таа борба е обврска на секоја генерација.

„Борбата ја водиме со секој изговорен збор, со секоја наша акција и мечта за подобра иднина. Борбата за иднината на Македонија во рацете на народот е наша обврска. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Борбата продолжува, илинденците и партизаните се бореа со оружје за слобода, а ние се бориме со ум, визија и енергија за иднината која секој граѓанин на Македонија ја заслужува. И оваа борба, немаме опција да ја загубиме. Само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе успееме,“ истакна Мицкоски.

Премиерот го истакна значењето на единството во секоја борба, нагласувајќи го значењето на Крушевскиот манифест кој повикува на единство. Тој изрази загриженост за нарушувањето на единството од страна на поединци кои, според него, ги продаваат колективните судбини и го разединуваат народот.

Мицкоски исто така подвлече дека секоја генерација треба да создава дела и мемории за тоа како се гради и инвестира.

„Многу би било полесно ако секоја генерација го наследи и продолжи делото на претходната. Но, она што го затекнавме како влада беше не само запоставена држава и институции, туку и ограбена и недомаќински управувана држава. Не можам да ја игнорирам неодговорноста на опозицијата која прави политика од колективната несреќа и борбата за справување со пожарите,“ додаде тој.

Премиерот го осуди лицемерието на политичарите кои делат лекции и памет, додека на владата ѝ оставија неисправни летала за гасење пожари, институции без опрема и организираност.

„Политиката на ниски страсти што ја водат, само покажува недостаток на визионерство. Не смее да дозволиме да ни ги пренесат своите проблеми на национално ниво. Јас нема да дозволам тоа,“ изјави Мицкоски.

Во својот говор, премиерот изрази благодарност кон пожарникарите и сите оние кои се на терен во борбата против пожарите, нагласувајќи дека државата ќе продолжи да дава максимални напори, независно од неодговорните политичари.

Мицкоски истакна дека ќе се борат низ цела Македонија и ќе дадат максимум.

„Не сакам денешниот говор да биде оптоварен со визиите кои ги имаме, а што се нивна главна политичка преокупација. Додека решаваме катастрофите кои ги наследивме, се бориме и за нови инвестиции, повисоки пензии и нови средства за капитални инвестиции во општините и поддршка на домашниот бизнис,“ додаде тој.

Премиерот заклучи дека промените не одговараат на оние кои со децении ја краделе државата и се однесувале како моќници.

„Не смееме да дозволиме нашата татковина да биде мајка за едни, а маќеа за други. Мора да воспоставиме систем кој ќе функционира. Ова ќе биде држава каде ќе се почитува секој чесен, искрен и вреден граѓанин, а ќе се казнува секој корумпиран,“ истакна Мицкоски.

„Да ги вратиме вредностите на вистинското место – тие кои се огрешиле да одговараат, работниците да имаат пристојни плати, младите да имаат шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани. Македонија повторно горда и повторно наша,“ заклучи премиерот.

Слични содржини