Мицкоски најави отворање на случаите за модуларната болница и за Ласкарци

од Milan1
139 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на „Сител“ рече дека ќе се отворат „сите претходни случаи, и за модуларната болница и за Ласкарци“.

„Сите овие случаи коишто ги кажавте одблиску ќе ги следам. Знам во која фаза се и очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме во кој испитен центар кажале дека тој технички е исправен, кој дал тој испитен центар да функционира така што функционира. Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат. За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска. Нема ништо да оставиме. Јас ви реков: Тргнавме, нема сега запирање, сега одиме до крај. Или тие или ние. Во животот постојат две работи, или тој или ти. Не може двајцата да опстанат, или ние ќе опстанеме, Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите. Нема место за двајцата повеќе“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Министерството за внатрешни работи (МВР) е задолжено да донесе заклучок или уредба или правен документ со кој ќе се забрани употреба на пиротехнички средства, запаливи средства, во затворен простор.

Слични содржини