Мицкоски: Навикнете се на политичари кои не коленичат, не виткаат кичма и не полираат чевли за членство во ЕУ

од Илинка Илиоска
42 прегледи

Во своето обраќање по повод 100 дена од новата Влада, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Северна Македонија продолжува да се движи кон полноправно членство во Европската Унија, без компромиси на штета на сопствениот народ.

„Ќе мора да се навикнете на политичари кои не коленичат и не виткаат кичма и додека го ограбуваат својот народ не потпишуваат договори на штета на својот народ и на своите граѓани,“ изјави Мицкоски и додаде дека новата Влада е посветена на заштита на интересите на граѓаните.

„Мора да се навикнете на политичари коишто се грижат за своите граѓани и работат за своите граѓани чесно и одговорно без истите да ги понижуваат и ограбуваат,“ додаде тој, нагласувајќи дека фокусот на Владата останува кон исполнување на стратешките цели за интеграција во Европската Унија.

„Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите од земјите членки на Европската Унија и дека тоа е правиот пат, простете, но јас не сум добар соговорник,“ рече премиерот, притоа истакнувајќи дека аргументите се клучни во преговорите за членство.

Мицкоски, исто така, напомена дека со него може да се разговара само на основа на аргументи и дека се покажал конструктивен во својата комуникација.

„А, жал за овие повеќе од две децении јас не слушнав ниеден аргумент зошто ние да не бидеме дел од европското семејство,“ додаде тој, истакнувајќи дека проблемите на граѓаните продолжуваат да се решаваат и дека Владата останува посветена на патот кон интеграција.

„Градејќи партнерства, градејќи пријателства, и верувајте, денеска во очите на многу од земјите членки… ние сме тие коишто апсолутно имаат аргументи, а тие се тие кои за жал немаат аргументи,“ рече Мицкоски и вети  континуирана посветеност кон евроинтеграциите.

 

Слични содржини