Мицкоски: Остануваме посветени за обезбедување на одржлива поддршка за Украина и нејзините стремежи за мир

од Nikola Popovski
15 прегледи

Денеска 8-ми ноември 2024 година, се одржа првата седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Република Северна Македонија во НАТО, во новиот состав на Владата.

Седницата ја водеше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својство на претседавач на Советот, на која присуствуваа сите членови на Советот, како и амбасадорите на земјите членки на НАТО во земјата на негова покана.

Претседателот на Владата Мицкоски, ја истакна важноста од нашето членство во НАТО, како и блиската меѓуинституционална координација во рамките на Владата, по значајни прашања од агендата на НАТО и реализацијата на нашите обврски кои произлегуваат од членството во Алијансата.

“Како кредибилен сојузник, нашата земја останува посветена кон својата определба за придонес за зачувување на колективната безбедност и регионалниот мир, стабилност и просперитет. Воедно, согласно нашите можности и капацитети, остануваме посветени за обезбедување на одржлива поддршката за Украина и нејзините стремежи за постигнување на мир. Импликациите од актуелните глобални безбедносни предизвици бараат обединет и силен одговор од сите членки на Алијансата.

Во оваа прилика упатуваме благодарност до сојузниците со кои заеднички ги споделуваме Евро-атлантските вредности и одговорности за нашата заедничка безбедност и стабилност, како и за поддршката која ја даваат за зајакнување на националните капацитети и одржување на нивото на подготвеност како земја членка на НАТО.”, истакна Мицкоски.

На седницата се обрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својство на ко-претседавач со Советот.

„Денешниот состанок на Советот, кој претставува платформа за сеопфатна размена на информации и дискусија за сите значајни теми и градење на национални позиции, како и предлагање на одлуки за нивна имплементација, е практичен доказ за нашите заложби за квалитетен придонес кон унапредување на регионалниот мир и стабилност, но и целокупната трансатлантска безбедност. Наша цел е да се фокусираме на воспоставување на целосно функционална, ефективна и одржлива структура, каков што е Советот, во насока на натамошно зајакнување на нашите институционални капацитети, креирање политики и дефинирање на ставови, подеднакво важни за земја и за Алијансата”, порача Муцунски.

На седницата се обрати и министерот за одбрана Владо Мисајловски, во својство на ко-претседавач со Советот.

„Денес, одржавме редовна седница во нов состав на Советот на кој дискутиравме за тековните прашања од значење на одбраната и безбедноста на државата за кои се побарува сеопфатен пристап, усогласени ставови и координиран настап во НАТО контекст. Согласно дневниот ред, разговаравме за модалитетите за понатамошната поддршка на Украина, го брифирав Советот за активностите на полето на одбраната, а поврзано со донесените одлуки содржани во Декларацијата донесена од страна на шефовите на влади и држави кои учествуваа на Самитот на НАТО во Вашингтон, како и за редовниот состанок на министрите за одбрана одржан 17-18.10.2024 година во Седиштето на НАТО во Брисел, К.Белгија”, порача Мисајловски.

Во оваа прилика членовите на Советот, имаа можност да разменат мислења за актуелните безбедносни состојби, вклучително и реализацијата на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Вашингтон, вклучително и за состојбите во Украина, нашите заложби за обезбедување долгорочна поддршка на Украина, како и за исполнувањето на нашите обврски за промовирање на безбедноста на регионално и глобално ниво заедно со другите сојузници во НАТО.

Предвидено е Советот да се состанува редовно со цел одржување соодветна динамика на активно следење на состојбите и потребите на Алијансата, согласно обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО.

Слични содржини