Мицкоски предложи електронски попис идната година, но го услови со една изборна единица веднаш

од Milan1
26 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денес на седницата во Собранието посветена на пратенички прашања предложи идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но го услови тоа со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.

Мицкоски ова го рече во одговор на пратеничко прашање на пратеникот Халил Снопче од редовите на Алијанса на Албанците, кој го праша премиерот дали Владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советниците во општините по вчерашната одлука на Уставниот суд за спроведување на пописот во 2021 година.

„Уставниот суд на вчерашната седница укина некои одредби од Методологијата за спроведување на пописот на населението во 2021 година. Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризација на резидентно и нерезидентно население за што немал законско овластување“, рече Снопче.

Според него, следствено на ова одлуката на Владата за намалување на бројот на советниците во општините е невалидна.

„Дали на следната седница на Владата ќе ја поништите претходната одлука и да се врати претходната одлука за бројот на советници“, праша Снопче додавајќи дека логички, не може да се отстранат нерезидентите бидејќи нивната одлука има директно влијание во изборот и бројот на советниците. Тој исто така посочи дека претходно имал поднесено барање за автентично толкување за оваа владина одлука, но до сега немал добиено никаков одговор.

Во одговор на прашањето премиерот Мицкоски рече дека кај нерезидентното население во последниот попис немало адреса, туку било класифицирано како нерезидентно население. Тој посочи и дека разликите во бројот на население кај општините меѓу двата пописа, последниот и претходниот, биле големи, при што го наведе примерот на Општина Гостивар, од каде што е пратеникот Снопче, каде што од 85 илјади бројот на жители бил намален на 59 илјади население кое што е резидентно. Во тие 59 илјади имало и некоклку илјади кои што не се изјасниле што се, односно одбиле да се попишат.

„Често зборувам дека дијаспората е нераскинлив дел од унитарниот карактер на Македонија како држава и затоа ве молам како политичка партија да поддржите една изборна единица во која што ќе овозможите дијаспората да гласа“, рече Мицкоски.

Тој рече дека Уставниот суд не може да биде законодавец и не е тој кој што кажува како треба да се работи, туку се произнесува по законски решенија.

„Но, не може да наметне. Тоа сте вие пратениците и во одреден дел, Владата. Уставниот суд вели не може да има графа нерезидентно и графа резидентно население, за што ние зборувавме уште во време на пописот, дека тоа не го препознава Евростат. Исто како што молевме немојте да го правите ова со Францускиот предлог“, рече Мицкоски.

Тој притоа предложи идната 2026 година да се спроведе вонреден електронски попис.

„Ви гарантирам дека со вкрстување на базите 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски“, рече Мицкоски, додавајќи дека е подготвен како претседател на Владата таквиот попис да се направи веќе идната година и за тоа да се предвидат средства Буџетот.

„Направивме проба, знате ли дека нема ниту 1,82 милиони осигуреници, колку што се според пописот, дека се некаде околу 1,5 милиони во Македонија?“, рече Мицкоски, повторувајќи дека е подготвен да прифати една изборна единица веднаш и електронски попис следната година.

„И да нема нерезидентно – резидентно население, бидејќи тоа создава политичка тензија. Да видиме со кои бројки располагаме заради економијата“, рече Мицкоски.

Во коментар на ваквиот одговор на Мицкоски, пратеникот Снопче рече дека за да гласа дијаспората не е потребно една изборна единица, туку политичка воља на партиите, додавајќи дека премиерот Мицкоски не одговорил на неговото конкретно прашање дали Валдата ќе ја ревидира својата одлука за борјот на советниците во општините.

Слични содржини