Мицкоски: Премиерот на нашиот јужен сосед беше премногу ангажиран, претпоставувам не успеа да најде време да се сретне со мене

од Milan1
71 прегледи

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва изјави дека на Самитот на НАТО во Вашингтон не била договорена средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, но оти тој е подготвен со секого да седнe и да разговара.

Јас никогаш не сум ја најавувал. Претпоставувам распоредите не ни се вклопија, рече Мицкоски во Тема на денот на телевизија Сител.

За тоа дали имало обиди за средба, премиерот рече дека немало.

Не. Немаше. Ние бевме таму во истите простории и на исто место, на некои 50- 100 тина метри заедно, некогаш и поблиску, но никогаш не постоеше каква било потреба од таков вид на средба. Доколку постои, нема никаков проблем. Јас сум подготвен да седнам со секого да разговарам. Но, претпоставувам распоредот на премиерот на нашиот јужен сосед беше премногу ангажиран. Претпоставувам не успеа да најде време да се сретне со мене, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека нема да зборува за тоа што се случувало внатре на средбите за време на Самитот на Алијансата.

Тоа што таму се случуваше не можам да кажам што се зборуваше и како се зборуваше, освен да потенцирам дека Алијансата е обединета, едногласна во сите одлуки што беа донесени и кои се јавно достапни, рече Мицкоски.

За тоа каква реакција имало на форсирањето на Мицотакис за употребата на уставното име, премиерот рече дека не би можел да каже дали имало или немало форсирање и оти тој бил, како што рече, во една удобна позиција слушајќи ги дискусиите. Имал три излагања и смета дека со нив зел учество и дал вредност во целиот тој процес на НАТО самитот и оти со дел од тие излагања привлекол внимание на присутните во салата.