Мицкоски разговарал со Кошта за како да се забрза напредокот на Македонија кон ЕУ

Според премиерот, се разговарало за европскиот пат на нашата земја, за важноста од зачувување на европските вредности и за поддршката што ја добиваме во процесот на интеграции

од Nikola Popovski
25 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека денеска во Брисел остварил средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Kошта. Според премиерот, се разговарало за европскиот пат на нашата земја, за важноста од зачувување на европските вредности и за поддршката што ја добиваме во процесот на интеграции.

-Разменивме искуства и идеи за тоа како да го забрзаме напредокот и како да создадеме подобри можности за граѓаните. Ваквите средби се од големо значење, бидејќи ја потврдуваат нашата посветеност кон европската перспектива и ја зајакнуваат соработката со европските партнери, стои во пораката на Мицкоски.

Премиерот и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски од вчера се во дводневна работна посета на Брисел.

„Македонија продолжи со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што сведочи за нејзиниот стратешки избор“, се наведува во конечните заклучоци за земјава во Пакетот-извештаи за проширувањето изработени од Европската комисија.  Во документот се додава дека се потребни понатамошни брзи и решителни активности во однос на одредниците за старт на преговорите во согласност со Преговарачката рамка, со цел Првиот кластер да биде отворен што е можно поскоро и кога ќе бидат исполнети поставените услови.

Европската комисија посочува и дека земјата изминатава година не презела „решителни чекори“ за напредок во преговорите за членство и се уште не ги усвоила уставните измени, вклучително и за вклучување во Уставот на граѓани кои живеат во нив, а се дел од други народи, како што се Бугарите, согласно заклучоците од јули 2022 година, кои се обврзала да ги започне.