Мицкоски: Реформи да, но не и уставни измени без јасни услови

„Немам намера додека јас сум Претседател на Владата по било која цена да влезам во една таква авантура...но без да имаме јасен крај, без да знаеме што добива македонската заедница во Бугарија, без да имаме јасни заклучоци од страна на Европскиот Совет ние немаме намера да влегуваме во било каква авантура којашто нас ќе не одведе повторно во некое друго политичко мочуриште“, изјави Мицкоски

од Кристијан Димков
37 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Влада на РМ

На денешното обраќање кон медиумите по повод започнувањето на реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“, Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема да прифати уставни измени без јасни гаранции и предвидлив исход од евроинтегративниот процес, и покрај пораките од меѓународната заедница дека тоа е клучен услов за продолжување на патот кон ЕУ. Тој нагласи дека актуелната позиција на државата е резултат на, како што рече, погрешните политики на претходната власт, но додаде дека Владата ќе се фокусира на исполнување на реформската агенда.

„Немам намера додека јас сум Претседател на Владата по било која цена да влезам во една таква авантура…но без да имаме јасен крај, без да знаеме што добива македонската заедница во Бугарија, без да имаме јасни заклучоци од страна на Европскиот Совет ние немаме намера да влегуваме во било каква авантура којашто нас ќе не одведе повторно во некое друго политичко мочуриште“, изјави Мицкоски

Тој посочи дека Македонија ќе продолжи да ги спроведува реформите и да ги исполнува обврските, со цел да биде меѓу водечките земји во регионот. Според него, државата веќе бележи напредок и очекува до следниот извештај да биде најдобро рангирана во делот на реформите меѓу земјите од Западен Балкан.

„Ако тие мислат дека треба да биде услов промената на Уставот а во се друго да бидеме најдобри тогаш, жалам но овде нема добар соговорник без да бидат исполнети другите детали“, додаде Премиерот.

Слични содржини