МИЦКОСКИ РЕТЕРИРА ВО ОДНОС НА ДОСЕГАШНИТЕ ПОЛИТИКИ: Кокетирање со меѓународниот фактор и подготовка да стане власт?

од Destan Jonuzi
381 прегледи

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ретерира со своите ставови за актуелната политичка состојба во државата. Тој еднаш категорично се изјасни дека е против уставни измени, а со ова и против „францускиот предлог“ за решавање на спорот со Бугарија, а од друга страна вели дека не е против внесување на Бугарите во Уставот. Потоа се изјасни дека не е против отстранување на „20%“ како уставна категорија за албанскиот јазик, а сега има неколку барања за да ги изгласа уставните измени за остранување на „20%“.

Дали сепак овој пристап покажува дека опозицијата и нивниот лидер немаат план конкретен план како да се води државата напред, иако Мицкоски постојано тврди дека во блиска иднина сака, и дури и дека ќе стане премиер на државата.

Новинарот Зоран Иванов во изјава за „Локално“ вели дека политиката што лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја практикува може да се дефинира како кусогледост.

Зоран Иванов

Зоран Иванов

-До некаде е разбирливо форсирањето популизам и етно национализам за кревање на личниот и на партискиот рејтинг, но одбрал погрешна тема. Политика на инает, политика против се`и против сите, а на штета на напредокот на државата, на штета на интеграциите, не е политика. Популизмот е меч со две сечила и мислам деновиве тој почнува тоа да го разбира зашто неговата популистичка, а не рационална и не перспективна политика, освен од раководството на својата партија и од политичка Софија, нема поддршка ниту дома ниту од Брисел, ниту од Вашингтон, ниту од Париз. А тоа дека ќе направеле подобар договор со Бугарија е приказна за мали деца. Впрочем, оттаму едвај чекаат Скопје да ги прекине разговорите па и да го поништи билатералниот договор. Во таков случај Македонија автоматски излегува од т.н. „француска рамка“ и со тоа го напушта и европскиот пат на кој што туку стапнавме со почеток на скринингот и на долг период ќе ја замрзнува својата развојна перспектива, вели Иванов.

Но ете, додава тој, неговата политика на популизам и на инает губи здив па сега ќе мора да бара начини, да бара изговори како со што помалку последици по рејтингот, да го оправда своето политичко свртување кон реалноста.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник на Собранието на Северна Македонија, Исмет Рамадани во изјава за „Локално“ вели дека актуелните случувања во државата и пошироко, особено во однос на евроинтеграциите на нашата држава и Западен Балкан, нужно ќе ја опфатат и македонската опозиција.

Исмет Рамадани

– Деструктивните дејствија, кога се во прашање евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи, се многу строго санкционирани од ЕУ и САД. Мицкоски изгледа го разбра и го сфаќа од ден на ден. Затоа почна да ретерира со својот став против ставањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот. Се забележуваат потешкотии како да се објасни пред својот електорат, но тој е свесен дека секој пат против Европа и САД за него е самоубиствен, изјави Рамадани за „Локално“.

Според него, созреани се условите за да се промени уставната категориа „20 %“ за Албанскиот јазик.

– Што се однесува до 20-те проценти, мислам дека се зрели условите политичките партии на Македонците да ја поддржат оваа промена на Уставот. Сега исто така гледаме дека етничката дискриминација е опиплива и бесмислена. Мицкоски и за ова прашање користи демагошки двосмислености кон Албанците, условување со балансерот и принципот на Бадентер. Мислам дека е наивно и инфантилно да се мисли дека Албанците не ги разбираат овие строги услови за каква било евентуална калификација во иднина со ВМРО-ДПМНЕ. За премиер треба време, поминување низ чистилиштето и префинетост за современ и модерен лидер. Како и да е, неговото повлекување од овие радикални политички чекори ќе биде добро за него и за општеството воопшто, нагласи тој.

Политикологот Енвер Салихи вели дека сите политички партии дури се на опозиција за да ги придобијат своите гласачи ветуваат и работи кои се невозможни и нелогички за остварување а сепак комплетно се менуваат кога се на власт.

Енвер Салихи

– Тоа што го прави ВМРО ДПМНЕ со повлекување чекор назад за одредени тврди позиции е знак дека истата веќе контактира и кокетира со меѓународниот фактор и се спрема полека да стане власт. Тврдите позиции на ВМРО доведоа и до раскол во коалицијата со Алијанса за Албанците, така што им треба ретерирање на позициите за мир во куќата и можност за нови коалиции, како не би се довеле да останат со празни раце како во 2016 година. Сметам дека полека се кристализира политичката сцена и полека и сигурно европските вредности ќе преовладуваат во овие простории, изјави Салихи за “Локално“.

Д.Ј.

Слични содржини