Мицкоски: Со банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за унгарскиот кредит

од Milan1
16 прегледи

Од неколку од банките веќе имаме потврда и очекувам најголем дел од нив да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем да бидат поделени на македонското стопанство, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

– Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешното пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.

Нагласи дека за да добијат кредит компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.

– Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба, рече Мицкоски.

Во однос на проблемите со јавниот превоз Мицкоски очекува до следната летна или есенска сезона во земјава да има нови 100 до 120 електрични автобуси кои ќе сообраќаат во јавниот градски превоз во градовите кои имаат организирано таков превоз.

– Во моментов го скенираме пазарот и анализираме за колкав најбрз период можат да дојдат помеѓу 100 и 120 автобуси, но истовремено и начинот на плаќање да биде со одреден грејс период и на неколку полугодишни рати за да не биде товар на ликвидноста на Буџетот. Потоа тоа, би било пренесено до сите општини кои имаат организиран јавен градски превоз заедно со придружната инфраструктура како што се полначите за електрични автобуси за кои пресметавме дека ќе ни бидат потребни околу 50-тина, рече Мицкоски.

Нагласи дека најголем дел од електричните автобуси би биле наменети за Градот Скопје.

За проблемот со недостигот на нафта поради кој ЈСП Скопје два дена имаше редуциран превоз рече дека Градот Скопје е тој што управува со Јавното сообраќајно претпријатие и додаде дека како Влада тоа што требаше веќе го направиле.

-На ЈСП Скопје му дадовме 250 тони нафта на заем. Преку Бирото за јавни набавки е договорено да се проследи барањето на Град Скопје за итна набавка на нафта по пат на преговарање. Сега очекувам да се консолидираат. За се останато доколку ценат дека треба советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи, очекувам да бидат повикани и да бидат објаснети политиките на Градот Скопје, порача Мицкоски.

Слични содржини