Мицкоски: ВМРО – ДПМНЕ нема да поддржи интерпелација на Гаши

од Илинка Илиоска
394 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, потврди денеска од Неготино лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник за изградба на градски пазар во Неготино, тој кажа дека партијата не гледа причина за интерпелација на спикерот Гаши.

– Начинот на кој тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците и се тоа што таму се случува претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник, рече Мицкоски.

Според него, коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица, има свои мотиви зошто поднесуваат таков тип на интерпелација.

– Препоставувам оваа коалиција и политичари од рангот на Артан Груби, Талат Џафери, Бујар Османи и Али Ахмети им е подобра, отколку сегашната состојба, но јас не мислам дека е така и затоа нема да поддржиме ваков тип на интерпелација, изјави Мицкоски.

Пратеничката група на Левица на почетокот на месецов во Парламентот поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши. Интерпелацијата е ставена на  дневен ред на 13. пленарна седница закажана за 3 септември.

Како што се наведува во барањето за интерпелација, Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва. Како втора причина за барањето одговорност, е наведен инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Според „Левица“, Гаши како претседател на законодавниот дом направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја даде на албански, а не на македонски јазик. Сметаат и дека го злоупотребил Законот за државни симболи затоа што во салата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија, а не ставил на дневен ред точка за констатирање на престанок на пратеничката функција на Талат Џафери кој во исто време сѐ уште ја извршуваше функцијата технички премиер.

Реакција во јавноста покрена и патувањето на спикерот Гаши со службено возило на свадбена веселба во Косово.

Слични содржини