Грција нема да се согласи да се откаже од принципот на едногласност во донесувањето одлуки во одредени фази од процесот на пристапување кон ЕУ. Ова го изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис како одговор на прашање од АНА-МПА во Копенхаген, каде што учествуваше на состанок на Европската политичка заедница.
Мицотакис беше замолен да го коментира предлогот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за преиспитување на методот на донесување одлуки во врска со проширувањето со премин од консензус кон квалификувано мнозинство.
Грчкиот премиер одговори: „Нашиот став е јасен. Грција нема да се согласи на отсуство на консензус во одредени фази од процесот на пристапување. Сега, ако за некои фази, како што е отворањето на ново поглавје, може да се бара (само) квалификувано мнозинство, можеби ќе бидеме спремни да разговараме за тоа. Но, ќе биде потребен консензус за затворање на поглавјата, како и за конечната одлука за пристапување на земја во ЕУ. Грција и која било друга земја не може и нема да прифати да ја изгуби можноста да го блокира процесот во кој било момент ако смета дека тоа може да биде штетно за европските или националните интереси.“
За време на посетата на Копенхаген, Мицотакис разговараше со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. По нивната средба, грчкиот премиер уште еднаш категорично изјави дека неговата земја нема да се согласи со вклучувањето на Турција во европскиот механизам за кредитирање на одбраната SAFE сè додека Анкара не се откаже од одлуката на турскиот парламент од 1995 година, според која доколку Грција го искористи своето право да ги прошири своите територијални води во Егејското Море од 6 на 12 наутички милји, Турција ќе го смета тоа за причина за војна (casus belli).