Ќе направиме сѐ што е човечки возможно. Ги разбирам и гневот и бесот. Јас никогаш не се скрив, секогаш сум тука кога е тешко, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот со градоначалниците на поплавените подрачја од невремето „Даниел“, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека потребните финансиски средства за поддршка на погодените ќе ги најдат или од национални или од европски ресурси, истакнувајќи дека сега, приоритет е да се спасат оние кои се во опасност, особено во селата „до кои сè уште немаме пристап“.
-Од првиот момент кога беше дозволено да летаат хеликоптерите, го мобилизиравме секое воздушно средство што го имаме на располагање, вклучително и хеликоптерите што ги имаме за гаснење шумски пожари. Всушност ги мобилизиравме за да ги искористиме за евакуација, за да можат да земат луѓе од онаму што хеликоптерите имаат пристап, или физички пристап, односно да слетаат, или со дигалка во најтешките случаи на евакуација за да ги доведат до Кардица, рече Мицотакис.
За невремето рече дека е феномен каков што досега немало во Грција, а можеби и во Европа.
Пред состанокот со градоначалниците, грчкиот премиер со хеликоптер прелета над погодените подрачја, слета на стадионот во Кардица каде што се пренесуваат спасените граѓани и поразговара со нив.