Откако по убедливата изборна победа положи заклетва за својот втор мандат како премиер, Киријакос Мицотакис им вети на своите сограѓани дека ќе го врати кредитниот рејтинг на Грција, ќе отвори нови работни места и ќе ги зголеми платите и владините приходи.
Неговата централнодесничарска партија Нова демократија освои 40,5 отсто од гласовите, или 158 од 300 места во парламентот, на повторените избори во неделата, повеќе од 20 процентни поени повеќе од левичарската партија Сириза која ја водеше земјата од 2015 до 2019 година вклучувајќи го и врвот на десетгодишната економска криза.
„Се обврзав дека во овој втор мандат ќе донесеме големи промени кои толку многу и се потребни на земјата“, ѝ рече Микотакис на претседателката Катерина Сакеларопулу по добивањето на официјалниот мандат за формирање влада.
55-годишниот поранешен банкар и потомок на моќно политичко семејство беше премиер од 2019 година додека не се повлече во корист на привремениот премиер, по неубедливите резултати од гласањето на 21 мај.
Тој им порача на Грците дека ќе продолжи со реформите за враќање на кредитниот рејтинг на земјата по должничката криза што ја оптоварува нацијата цела деценија, дека ќе ги зголеми приходите од виталната туристичка индустрија и дека ќе ги зголеми платите за да бидат блиски до европскиот просек на Унијата.
Иако пандемијата „Ковид-19“ и смртоносната железничка несреќа во февруари ги изнесоа на виделина недостатоците на здравствените и јавниот транспортен систем во Грција, зголемените цени и економските тешкотии неодамна беа најголемата загриженост кај гласачите.
Изборите во недела беа тежок пораз за Сириза на Алексис Ципрас, која загуби повеќе од 30 пратенички места.
Во парламентот влегоа три крајно десничарски и националистички партии, меѓу кои и антиимигрантската „Спартанци“. Вкупно освоија 35 места.