Microsoft ја лансираше Viva Engage – апликација слична на Facebook (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
269 прегледи

Microsoft веќе една деценија се обидува да изгради социјална мрежа која би можела да понуди нешто повеќе на пазарот. Со својата инвестиција во Yammer, Microsoft се обиде да се фокусира на социјално вмрежување ориентирано кон претпријатијата. Сепак, интеграцијата на Yammer со SharePoint, Office 365, Dynamics и Skype повеќе се чинеше како принуда отколку нешто што компаниите навистина го сакаа и им требаше.

Како резултат на тоа беше создаден Microsoft Teams, кој е позициониран како центар за работа и комуникација. Пандемијата дефинитивно ја забрза транзицијата на компаниите кон хибридна работа и потребата од апликации како Microsoft Teams, кои се повеќе стануваат свој облик на социјална мрежа за многу вработени.

За таа цел, Microsoft ја лансираше Viva Engage, нова апликација слична на Facebook во рамките на Teams која поттикнува социјално вмрежување на работа, пренесе The Verge.

Viva Engage се надоврзува на некои од силните страни на Yammer, промовирајќи дигитални заедници, разговори и самоизразување на работното место. Додека Yammer изгледаше како продолжение на SharePoint и Office, Viva Engage изгледа како реплика на Facebook. Вклучува дел со приказни (story), кој во суштина е feed вести на Facebook, кој содржи објави за разговор, видеа, слики и многу повеќе.

Viva Engage нуди уште еден начин за создавање заедница во компаниите, а интеграцијата на Teams од Microsoft и фокусот на социјалното вмрежување би можеле да го направат поуспешен од она што се обидуваше во минатото.

Слични содржини