Големи групи мигранти успеале да ја пробијат оградата на границата меѓу Белорусија и Полска. Наводно, десетици луѓе успеале да ја урнат оградата кај селата Кринки и Бјеловјежа и да ја преминат границата, јави полската агенција ПАП, повикувајќи се на локалната радио станица Бјалисток.
Станицата ја цитираше портпаролката на граничните сили дека и во двата случаи, оградите на границата биле насилно урнати.
Полска одбива да прими мигранти на нејзина територија, па во последните недели испрати стотици припадници на своите сили на границата и подигна бодликава жица, во обид да спречи секој обид на мигрантите да се пробијат.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко побара на мигрантите да им биде дозволен влез во Полска. Во интервјуто тој вели дека повеќето од нив сакаат да одат понатаму, односно во Германија.