Мигрантите ја пробиле оградата кај Гевгелија, полицијата со солзавец се обидува да ги врати

од desk3
135 прегледи

Толпа мигранти, заглавени кај Идомени, утрово со импровизиран „овен“ успеале да ја пробијат жичената ограда на јужната граница и да влезат на македонската страна, пренесе „Би-би-си“.

kamnuvanje-granica-migranti

Според МЕТА британскиот национален сервис, јавува дека на видео-снимки од местото, можат да се забележат мигранти, како ја туркаат оградата и ја кинат бодликавата жица, додека полицијата со солзавец се обидува да ги одврати од намерата и да ги врати назад.

Од МВР засега ниту ги потврдуваат ниту ги демантираат овие информации. Оттаму велат дека ги проверуваат информациите и повеќе детали најавија за подоцна.

Дел од оградата била урната со импровизирана направа за рушење на огради. Засега не се знае колку мигранти успеале да ја поминат оградата и да влезат во земјава.

На другата страна на границата , бројот на бегалци и мигранти кои ќе останат заглавени во Грција може да достигне 70.000 во следните неколку недели, изјави грчкиот министер за миграција Јанис Музалас.

– Нашата проценка е дека бројот на луѓе кои ќе бидат заглавени во нашата земја ќе изнесува меѓу 50.000 и 70.000… и тоа уште во наредниот месец, изјави Музалас за грчката телевизија „Мега“.

Тој, како што јави дописникот на МИА  од Атина, нагласи дека во Грција веќе има околу 22.000 мигранти и бегалци, но додаде дека планот на НАТО за борба против шверцот со луѓе може значително да го ограничи приловит на мигранти.

Претставници на НАТО минатата недела утврдија како бродовите кои веќе се распоредени во Егејското Море, ќе пренесуваат разузнавачки информации и податоци од извидување на турската и грчката крајбрежна стража и на Фронтекс, и како екипите за спасување на НАТО ќе враќаат мигранти во Турција.

Планот е во рамките на договорот меѓу ЕУ и Турција за запирање на приливот на бегалци кои пристигнуваат во Европа.

– Ако се спроведе планот на НАТО … тоа би можело да го намали приливот на бегалци за околу 70 отсто, рече Музалас.

Тој информира дека Грција побарала итни финансиски средства од Европа за да се справи со бегалската криза, но не откри детали за бараниот износ.

Весникот „Катимерини“, меѓутоа, објави дека станува збор за сума од 228  милиони евра, кои би биле испристени за изградба на објекти за сместување на десетици илјади бегалци.