Михајловиќ по заминувањето од српската Влада: Моите ставови се Србија на Запад и во Европа

од Vladimir Zorba

Министерката за рударство и енергетика во актуелната Влада на Србија, Зорана Михајловиќ, која нема да биде дел од идната влада, на прес-конференција рече дека со претседателот Александар Вучиќ разговарала приватно и оти смета дека нема да му биде лесно во иднина.

„Но, мислам дека и ќе има главоболка помалку. Веќе нема да го има тој еден различен тон во Владата што го имаше досега“, рече Зорана Михајловиќ.

Таа му се заблагодари на претседателот бидејќи, како што рече, тој е човекот кој ја поканил во СНС во 2010 година и со кој седела секогаш кога се договарале да биде министер.

„На новата министерка за рударство и енергетика и посакувам се најдобро. И јас мислам дека нема да и биде лесно. Не ми беше лесно. Не се согласив да бидам пион, можеби тоа е причината ние сме овде денес“, рече таа.

Како што додаде, нема причина да жали за ништо, бидејќи во владата била 10 години, а зад неа се резултатите.

„За мене ова е нов почеток, секогаш ќе останам во политиката. Сакам да работам за мојата земја и народ, тоа секогаш го правев од моите студентски денови“, додаде Зорана Михиајловиќ, истакнувајќи дека верува дека Србија има место во Европа и запад, а не на исток.

На прашање како ќе продолжи со политичкиот ангажман, таа рече дека пред се, се занимава со енергетика, економија и евроинтеграции и рече дека ќе остане во политичкиот живот.

Запрашана дали ќе остане во СНС, таа рече дека денеска е денот да се направи пресметка и да се повлече линија.

„Ова не е ден да се зборува за тоа. Мислам дека членството во СНС не ограничува никој од нас да се бори за своите ставови, а моите ставови се Србија на Запад и во Европа. За тоа – како, дали со или без СНС, има време“, рече таа.

Таа додаде: „Мислам дека некако ќе ми биде полесно да не гледам некои луѓе кои го користат СНС како свој џубокс за да се покажат и да се збогатат“.

Потсетуваме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера ја објави листата на кандидати за министри во новата Влада на Србија. На неа не се дел од долгогодишните министри од СНС, меѓу кои и Зорана Михајловиќ.

За министер за рударство и енергетика беше предложена Дубравка Негре.

Слични содржини