Михајлов: Хетеронормативноста сè уште ги диктира нашите обрасци на однесување, размислување и учење

од Vladimir Zorba
599 прегледи

Очекуваме помасовна, поразнолика, поинклузивна „Парада на гордоста“ годинава. Видливоста на нашите потреби и проблеми е зголемена, почесто сме тема во социјалните интеракции, и нема толкав страв јавно да се зборува за ЛГБТИ. Она што посебно ме радува е што има повеќе млади ЛГБТИ луѓе кои се приклучуваат во пошироката борба за права и еднаквост на ЛГБТИ во Македонија, на свој начин, со свои идеи и средства, вели Антонио Михајлов, советник во Здружението за сексуални и родови малцинства „Субверзивен Фронт“ во разговор за „Локално“.

Резултатите од нивните истражувања покажуваат дека е помал отпорот кај граѓаните кон мирна прошетка по скопските улици посветена на борбата за права и еднаквост на ЛГБТИ луѓето.

– Со поголемата интеракција и поголемата видливост се намалуваат стереотипите и предрасудите за ЛГБТИ луѓето. Да не заборавиме дека во нашата работа ја имаме и поддршката од дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се препознаени како партија која брани конзервативни вредности, посочува Михајлов

Истакнува дека безбедноста, особено здравствената безбедност, е еден од главните приоритети за годинешниов „Прајд“, со оглед на пандемијата која што сè уште е во тек, иако со помал интензитет. Во соработка со МВР, како и со агенција за приватно обезбедување, работат на тоа да и годинава „да имаме беспрекорно организирана парада од безбедносен аспект“.

На прашање колку општеството ги сопира граѓаните да ја искажат својата сексуална ориентација и дали е потребна поголема едукација на граѓаните по ова прашање Михајлов смета дека генерално, сексуалноста е сè уште табу тема, посебно во помалите, рурални средини.

– Различната сексуална ориентација и различниот родов идентитет се секогаш тема на дискусија кога станува збор за ЛГБТИ луѓето, затоа што сè уште хетеронормативноста ги диктира нашите обрасци на однесување, размислување и учење. Потребни се значителни сеопфатни вложувања во реформи на образовниот, здравствениот, научниот, и системот на социјална заштита за да може системски да се соодветно одговори на предизвиците поврзани со остварувањето на човековите права на ЛГБТИ луѓето, смета тој.

Во однос на воведувањето на сексуалното образование во училиштата, тема за која има голем отпор од родителите поради недоволна информираност за тоа што всушност треба да се учи и како ќе тече наставата, советникот од „Субверзивен фронт“ смета дека сеопфатното сексуално образование нуди модел на учење којшто е инклузивен, развива чувство на одговорност за сопственото здравје и уште поважно, помага во креирањето на здрави, функционални односи со другите луѓе.

Со неговото воведување, истакнува тој, се дава простор да се помогне во создавањето на поповолна средина во училиштата за сите, вклучително и за ЛГБТИ луѓето.

Скопје Прајд 2020

За тоа до каде сме како држава и законодавство во изедначувањето на правата и дали како организација подготвуваат одредени предлози за менување на законската регулатива за да се доближи С.Македонија барем до некои земји во регионот, посочува дека едвај лани, во октомври конечно е усвоен Законот за спречување и заштита од дискриминација што ја поставува основната правна рамка за спречувње и заштита од дискриминација, вклучително и врз ЛГБТИ луѓето.

– Ние сме, за жал, далеку од земјите во регионот, како Црна Гора, Хрватска, Грција, каде што истополовите партнерства се регулирани, и од соседна Србија, каде што, во моментот се разгледува предлог закон за истополови партнерства. Ние, како организација, предлагаме и креираме предлози за политики кои нудат решенија за остварување, заштита и промоција на човековите права на ЛГБТИ луѓето во корелација со потребите и проблемите идентификувани од нив, изјави Михајлов.

Смета дека е потребен повидлив активизам за ЛГБТИ, почести јавни собири, акции, иницијативи кои ги адресираат проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето.

-Нам, како организација, приоритетна ни е работата со припадниците на самата ЛГБТИ заедница, и подобрување на нивната положба во средините каде што живеат. Медиумската видливост е корисна кога комуницираме со општата јавност, и кога сакаме да влијаеме позитивно во намалување на негативното јавно мнение за ЛГБТИ луѓето, истакна советникот.

Поради случувањата во некои земји во Европа, какона пример Унгарија, каде на власт се десничарски партии, каде гледаме „кратење“ на правата на лицата со различна сексуална ориентација на прашање дали правата на ЛГБТИ лицата во светот се зголемуваат или намалуваат,Михајлов смета декапримерот со Унгарија, за жал, претставува негативен тренд кој се шири во земјите со авторитарни тенденции на управување со државата, и каде што на власт се структури со изразито десничарски, конзервативни идеологии.

– Без разлика на овие случувања, во светот, генерално, се подобрува правната рамка за ЛГБТИ луѓето, и се зголемени напорите на транснационално застапување за еднаквоста на ЛГБТИ луѓето, додаде тој.

Б.М.
С.К.

Слични содржини