Ролинг Стоунс го откажаа концертот во Амстердам само неколку часа пред да започне, откако пејачот Мик Џегер беше позитивен на Ковид-19.
Бендот во соопштение објави дека го откажува концертот, наведувајќи дека 78-годишниот Џегер бил тестиран позитивен бидејќи ги почувствувал симптомите на Ковид-19 по пристигнувањето на стадионот, во предградието на Амстердам. Не дадоа дополнителни информации за неговата состојба.
„Ролинг Стоунс многу жалат за вечерашното откажување, но безбедноста на публиката, колегите музичари и вработените на турнејата мора да биде приоритет“, се вели во соопштението.
Се додава дека ќе биде одреден нов датум за концертот и дека за тој нов датум ќе важат билетите за вечерашниот настап во арената Јохан Кројф во Амстердам.
Некои фанови веќе беа на стадионот кога беше објавено дека концертот е откажан.
Ролинг Стоунс се на европска турнеја наречена „Шеесет“ (Sixty) за да одбележат шест децении заеднички настапи и свирки. Нивниот последен концерт на оваа турнеја беше во Ливерпул на 9 јуни. Следниот закажан концерт е во Берн, Швајцарија на 17 јуни.