Милан се чини дека ги менува плановите за засилување на средниот ред. Досега цел број 1 на „росонерите“ беше Ренато Санчез од Лил. Сепак, се чини дека Португалецот ќе се пресели во Пари Сен Жермен. Поради оваа причина, од „Сан Сиро“ веќе бараат друга опција и го свртеа вниманието кон Даглас Луис од Астон Вила, пренесува „Тутомеркато“.
24-годишниот Бразилец веќе три сезони е на „Вила Парк“, откако во 2019 година беше привлечен од Манчестер Сити. Тој се наметна како важен играч во тимот од Бирмингем и досега на своето конто има 111 натпревари, 5 гола и 8 асистенции. Тој е и бразилски репрезентативец со 9 натпревари за Селесао.
Менаџерот на Астон Вила, Стивен Џерард, има мала желба да се раздели со овој играч, но има индиции дека газдите на клубот се подготвени да слушаат понуди за него, доколку се доволно привлечни. Во моментов цената на играчот на пазарот е околу 40 милиони евра.
Сепак, Милан не е единствениот тим од Италија кој е заинтересиран за Луис. Тој е вклучен и во трансфер плановите на Рома.