Претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, гостуваше во вечерашниот Дневник на хрватскиот национален сервис, каде зборуваше за состојбата со коронавирусот, вакцинацијата, неговото отсуство од самитот во Брисел и други теми, вклучително и Босна и Херцеговина.
Тој ги коментираше состојбите во БиХ и иднината на Дејтонскиот договор.
– Дејтон е таков каков што е и не гледам како ќе се промени без насилство. Не мислам на војна. Едноставно, размислувам за ментално и какво било друго насилство што никогаш во БиХ, како што секој знае, не го преживеал. И секогаш предизвикуваше уште поголемо насилство. Не можете да го промените босанскиот систем, босанско-херцеговинската рамка без волјата на конститутивните народи – рече Милановиќ.
– Имате Хрвати – да, Хрвати постојат, како и Бошњаци, тие постојат, не можеме да се преправаме дека не постојат – кои не се задоволни во таа земја. Дали е тоа тајна? Дали сум националист или шовинист ако го кажам тоа? Нека не се занесува некој дека какви било стратешки одлуки за што било ќе бидат донесени без согласност на трите конститутивни народи, и тоа не е средновековие, и без тоа нема граѓанска држава. Значи, уште еднаш велам – граѓанската држава е далечен, далечен сон, и тоа е убава работа, но прво сапун, па парфем – заклучи Милановиќ.