Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека Србија не треба да се грижи за декларацијата за соработка во одбраната на Хрватска со Албанија и Косово.
„Не учествував во подготовката и усвојувањето на овој документ, но како претседател на земјата и врховен командант на вооружените сили, го поддржувам тој меморандум. И на некој начин сакам да ги уверам соседните земји, да речеме Србија, дека немаат никакви проблеми со него, односно дека не треба да имаат никакви. И, Македонија е во НАТО и тоа е доволно“, рече Милановиќ.
Тој ова го изјави на заедничката прес-конференција со претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, кога беше прашан какви се неговите очекувања од договорот за воена соработка меѓу Хрватска и Албанија и Косово, и дека Македонија е поканета.
„Договорот што го споменавте не е договор, туку е декларација, односно меморандум. Тоа е еден документ, кој го потпишаа во форма на записник тројца министри за одбрана. Од аспект на хрватскиот уставен систем, тој не ги исполнува условите да биде меѓународен договор, но декларација да, на некој начин, без никакви меѓународно-правни последици“, рече Милановиќ.