Со пристапувањето кон НАТО во 2017 година, Црна Гора стана дел од најсилниот колективен безбедносен систем во светот, што ја зајакна нејзината безбедност и стабилност.
Тоа е соопштено од Кабинетот на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како одговор на прашање од подгорички „Вести“ за тоа како шефот на државата гледа на новото вооружување на соседна Србија, овој пат со кинески ракети од офанзивен карактер и голема деструктивна моќ.
„Секоја држава ја обликува својата одбранбена и безбедносна политика. Со пристапувањето кон НАТО во 2017 година, Црна Гора донесе правилна стратешка одлука да стане дел од најсилниот колективен безбедносен систем во светот. Ова ја зајакна стабилноста и безбедноста на нашата земја, што денес не го негираат дури ни оние политички актери кои тогаш размислуваа поинаку, а кои денес учествуваат во донесувањето одлуки во врска со нашиот одбранбен и безбедносен систем“, се наведува во одговорот од Кабинетот на црногорскиот шеф на државата.