Милетиќ за „Локално“: Еуропрајд ќе се случи, во тоа нема сомнеж

од Vladimir Zorba
425 прегледи

Гостите од Европа доаѓаат поради нас и ЛГБТ заедницата. Не доаѓаат за тоа да упатат порака кон конкретен политичар, Среќни сме што сите одамна го потврдија своето доаѓање и што ќе бидат со нас. Еуропрајд ќе се случи и тоа ќе биде резултат на дијалогот што го имаме со владините претставници, вели за „Локално“ Горан Милетиќ, еден од организаторите на Неделата на гордоста, која според најавите треба да се одржи во Белград идната недела.

Не знае да каже зошто ситуацијата на Косово е аргумент да се одложи „Прајд“ бидејќи тој аргумент, како што вели, „е секогаш присутен во Србија“.

-Не можеме да се согласиме дека сите проблеми треба да се решат за само тогаш да ги уживаме човековите права, меѓу кои е и Прајд. Ние разбираме дека постојат предизвици во општеството, но слободата на собир не може да биде забранета поради тоа, вели Милетиќ.

Генерално за ситуацијата за правата на ЛГБТ+ луѓето во Србија, вели дека „насилството и дискриминацијата се клучни проблеми“.

– ЛГБТ луѓето се соочуваат со насилство на многу рана возраст, веќе на училиште и во семејството. Единствена шанса за подобар живот е да се преселите во Белград или Нови Сад, каде што ситуацијата е подобра и каде покрај работата може да се формира и социјален круг во кој човекот ќе може да биде отворен без страв од отфрлање, истакнува Милетиќ за „Локално“.

Планирано е Еуропрајд да се одржи во Белград од 12 до 17 септември. Засега се уште не е сигурно дали ќе се одржи откако претседателот Вучиќ децидно изјави дека „Парада нема да има“. Како се одвиваат подготовките досега и дали ќе има Парада или не?

-Подготовките се одвиваат според планот и Еуропрајд ќе се одржи од 12 до 18 септември според планираното. Ги вклучува сите активности што ги планиравме, вклучувајќи концерти и прошетки. За тоа нема сомнеж.

Зошто, според вас, претседателот и премиерката Брнабиќ ја поврзаа Еуропрајд со она што се случува на Косово? Како се поврзани едното со другото? Дали сето тоа е само поради безбедноста што треба да се обезбеди за да се заштитат учесниците, иако, како што претходно истакнаа од вашиот камп, многу малку луѓе се потребни за обезбедување на настанот?

– Сосема е точно дека не се потребни многу луѓе за обезбедување на собирот и дека сме целосно убедени дека полицијата може да обезбеди сè соодветно, заедно со приватното обезбедување што го ангажираме. Не знам зошто ситуацијата на Косово е аргумент бидејќи тој аргумент е секогаш присутен во Србија. Не можеме да се согласиме дека сите проблеми треба да се решат за само тогаш да ги уживаме човековите права, меѓу кои е и Прајд. Ние разбираме дека постојат предизвици во општеството, но слободата на собир не може да биде забранета поради тоа.

Голем број европски претставници најавија присуство на Еуропрајд. Дали е ова некаква порака упатена до властите во Белград? Вучиќ вели дека дури и да му се јават Бајден и Путин, нема да има промена во она што го има наумено…

– Гостите од Европа доаѓаат поради нас и ЛГБТ заедницата. Не доаѓаат за тоа да упатат порака кон конкретен политичар, Среќни сме што сите одамна го потврдија своето доаѓање и што ќе бидат со нас. Еуропрајд ќе се случи и тоа ќе биде резултат на дијалогот што го имаме со владините претставници.

Според Вас, дали настаните од изминатите денови можат да доведат до насилство на улиците на Белград?

– Мислам дека не. Не гледам сили кои се силни, организирани и кои би употребиле насилство. Мислам дека приказната за насилството е претерана. Досега никој не ни дал информации кои би зборувале за какво било насилство.

Настрана одржувањето на Европската недела на гордоста, каква е генералната слика за правата на ЛГБТ+ луѓето во Србија? Како стои државата во однос на регионот, со оглед на тоа што целиот регион многу заостанува зад западните земји…

-ДА, регионот многу заостанува зад Западот. Меѓутоа, таа ситуација би можела многу брзо да се промени, доколку претставниците на елитите поддржат неколку законски предлози и доколку имплементацијата на законите и меѓународните стандарди кои се однесуваат на ЛГБТ заедницата би станала подобра. Што се однесува до Србија, насилството и дискриминацијата се клучни проблеми и во тоа нема сомнеж. ЛГБТ луѓето се соочуваат со насилство на многу рана возраст, веќе на училиште и во семејството. Единствена шанса за подобар живот е да се преселите во Белград или Нови Сад, каде што ситуацијата е подобра и каде покрај работата може да се формира и социјален круг во кој човекот ќе може да биде отворен без страв од отфрлање. За жал, Белград сè уште нема Засолниште за луѓето кои се исфрлени од своите домови.

В.З.

Слични содржини