„Билатералните спорови не смеат да станат Европски услови, како што спорот помеѓу Словенија и Хрватска не беше проблем за влез на Хрватска во ЕУ. Македонската евроинтеграција не смее да биде заложник на фрустрациите на Бугарија. Секое предлог решение мора да добие согласност од Македонскиот парламент. Јазикот не може да биде компромис, бидејќи тоа е веќе решено прашање со Преспанскиот договор“, пишува на својот Фејсбук профил лидерот на ЛДП, Горан Милевски во врска.
Милевски додава и дека со Преспанскиот договор се гарантирало влез на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Ако сега едниот гарант на договорот ЕУ, не го почитува договорот, тогаш се доведува во прашање и смислата на самиот договор и колку Македонија треба да го почитува. ЕУ треба јасно да се изјасне, ја сака ли Македонија во ЕУ или НЕ. Ние повеќе немаме време за губење. Потребен ни е брз развој со јасни политики и однос кон ЕУ и нивните перманенти условувања. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци со своја вековна историја, култура, традиција и вредности, со сопствен јазик и посебности а влез како втора бугарска држава, ниту сакаме, ниту некој може да прифати, ниту кореспондира со реалноста и историјата“, порачува Милевски.
Тој додава дека историската комисија треба да достави на увид што се договориле со нивните колеги од Бугарија.
„Не може 3 историчари да бидат историската вистина. За секое нивно решение треба да има широк општествен консензус. Ова е мој личен став кој ќе го застапувам во рамките на партијата и Владата“, порача Милевски.