Три нови проекти ќе се реализираат преку Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа во Крива Паланка, најави денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Санација и опремување на националната установа „Центар за култура Крива Паланка” се реализираше преку истата програма во вредност од 4.125.460 денари.
– Во с. Кркља ќе се гради локална патна инфраструктура во вредност од 12 милиони денари, заради поттикнување на руралниот развој, а во Крива Паланка финансираме во урбаниот развој со проект во вредност од 15 милиони денари, рече Милевски.
Тој додаде дека со подобрување на инфраструктурата во Крива Паланка, во Кратово, во Ранковце и во Старо Нагоричане, со проект во вредност од 30,5 милиони денари, се финансира во рамномерниот регионален развој за добробит на граѓаните.
– Целосно е завршена распределбата на средства за проекти кои што оваа и наредната година ќе се финансираат преку Министерството за локална самоуправа и преку Бирото за регионален развој. Врз основа на проектни предлози од општините и од планските региони, ќе се финансираат вкупно 256 проекти од сите програми, во вкупна вредност од 14 милиони евра, чија имплементација ќе започне деновиве во скоро сите општини, најави Милевски.
За време од само 4 години, вкупните средства од Програмата за рамномерен регионален развој и новата програма за надминување на диспаритетите и за поголема конкурентност, на годишно ниво се дуплирани, поточно од 7 на 14 милиони евра, а заедно со проектите одобрени оваа година (2019-2022), ќе бидат реализирани вкупно 606 проекти во сите општини во државата.