Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесува иницијатива за свикување на итна седница на Собранието за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и разрешување на заменикот министер за здравство Илир Хасани.
Пратеникот од опозициската партија, Антонијо Милошоски праша уште колку луѓе треба живи да изгорат како пациенти за да се понесе политичка и објективна одговорност за ваквата трагедија која, како што рече, е резултат на неодговорноста на власта.
„Во Романија пред 5 дена се случи пожар во болница со загубени 5 човечки животи. Во Македонија пред еден месец изгоре модуларната болница во Тетово, но во Романија падна целата Влада, а во Македонија падна продолжниот кабел со кој што премиерот Заев ја потценува интелегенцијата на сите граѓани и сака да ја сокрие одговорноста на неговиот инкасатор Венко Филипче, министер за здравство. Затоа сметаме дека зелената агенда на ДУИ и СДСМ за жал изгоре со тетовската модуларна болница, со која што изгоре и принципот за политичка и објективна одговорност на носителите на јавни функции кои што треба да се грижат за здравјето на граѓаните, а гледаме дека здравјето и животите на 14 луѓе беа колатерална штета на неодговорната власт“, изјави Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ очекува од претседателот на Собранието да ја закаже седницата во рок пократок од 10 дена, бидејќи цени дека состојбата е од итен карактер и треба итно да се разреши.