Според ВМРО ДПМНЕ и Антонио Милошоски, сите кризи, економската, надворешно политичката ситуација и здравствената истовремено имаат свое име и презиме, Зоран Заев, Венко Филипче и Никола Димитров, посочи Милошоски пред Владата каде денес беа поставени црни машини.
И со ова денешно излагање, се бара оставки во Владиниот состав, па оттаму членот на ИК на ВМРО ДПМНЕ посочи:
„Сметаме дека проектот наречен Зоран, Венко и Никола треба да си поднесе оставка. Во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денес, и за граѓаните, и за здравствениот сектор, и за економскиот сектор, но за жал и за евро-перспективата. Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме Влада на експерти која што ќе може подобро да се носи и во здравството, и во економијата, и во евро-интеграциите“.
Тој потенцираше и дека ВМРО ДПМНЕ ја смета за неоправдана блокадата од Бугарија, но истото е овозможено од премиерот Заев, поконкретно со потпишување на Договорот за добрососедство. Исто така, од пред Владата, Милошоски побара експертска влада, за која се согласни и партиите кои се надвор од нивната коалиција, Алијанса за Албанците и Алтернатива.