Македонија досега неколку пати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите измени ќе ја приближат Македонија кон самото членство. Очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања, па оттаму би било наивно да се прават уставни измени за да ни се случи уште неисполнето ветување. Сметам дека одложеното дејство е рационален аргумент кој што би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира, а ЕУ да го менаџира процесот до конечната цел, изјави денеска пратеникот и еден од потпретседателите на Собранието, Антонио Милошоски за евроинтегративниот пат на нашата држава.
За последните изјави на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, пратеникот вели дека ЕУ во последните 10 години нема сериозна визија за проширувањето и дека „тоа стана една фраза која често се повторува, а на дело нема сериозни геополитички одлуки што би значеле проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“.
-Таа спомна дека една, две или три членки да бидат завршени со преговорите, но, не спомна дека тие би можеле да станат полноправни членки што е индикатор дека во самата ЕУ нема консензус за тоа дали, кога и до кое ниво ќе се случи следното проширување и дали воопшто ќе има нови полноправни членки, кажа Милошоски.
Функционерот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ беше запрашан и за евентуална промена на државниот грб. Според него, не е поврзано со локалните избори и ако зборуваме за современи државни обележја засновани на одредена објективна хералдика, вели дека Македонија не треба да остане во друштво со Белорусија, Таџикистан и Ангола.
-Ова се едни од ретките земји во светот кои се уште имаат советска симболика по однос на државните симболи и сметам дека Македонија има добро историско наследство кое што може да ги поврзе АСНОМ, Илинденскиот период и претходните периоди на нашата заедничка држава и сето тоа да се отслика во еден современ државен грб кој што би бил подобар и на поквалитетен начин би ги одразувал определбите на Македонија. На крајот од краиштата, оваа иницијатива треба да отвори дијалог преку кој што би стигнале до еден заеднички консензус во одреден временски период. Нема ограничувања, но, добро е да се разговара на темата, одговори Милошоски.