Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски, закажа нова седница за „заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија“.
-Со вчерашен допис до пратениците и ресорните министри закажана е Комисијата за надворешна политика за во четврток во 11 часот. Темата е Македонија-Бугарија, која предизвикува огромен политички и медиумски интерес, и граѓаните со право очекуваат плодна дискусија и јасен став по ова битно прашање. Затоа сметам дека пратениците во Собранието, заедно со владата, мора да утврдат заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија, кој претставува историски анахронизам, спротивен на европските повелби за човекови права, напиша денеска Милошоски на својот фејсбук-профил.
Достоинството и самобитноста на македонскиот народ, додава тој, е европска културна, книжевна и јазична вредност и затоа ЕУ треба да отвори преговори за членство без дополнителни уцени!
-За службите во Собранието и пратениците сигурен сум дека на седницата ќе ги спроведат и почитуваат сите здравствени протоколи, за да можат поканетите министри да се чувствуваат сигурно, пишува Милошоски на Фејсбук.