Однесувањето на бугарските европратеници во врска со Извештајот за напредокот на Европскиот парламент за Македонија, за кој треба да се гласа на почетокот на јули на пленарна седница на ЕП, е „добро отрезнување за оние лековерни македонски политичари кои создаваат илузија дека Бугарија не сака ништо повеќе од мала корекција на Уставот“ на Македонија, изјави вчера поранешниот министер за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„За Бугарија, промените во Уставот само ја отвораат вратата низ која тие имаат намера да протуркаат уште десетина вакви барања“, истакна Милошоски.
Според него, каков и да е исходот од претстојното гласање за Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известителот Томас Вајц во ЕП, начинот на кој сите амандмани поднесени од бугарските европратеници беа отфрлени во Комитетот за надворешни работи треба да се смета за успех.
„Бидејќи сите видовме дека Македонија со право тврди дека промената на преамбулата не е единственото барање и единствената пречка поради која не ги започнуваме преговорите за членство, или ако ги започнеме, нема да постигнеме полноправно членство. Дури и ако има пресврт во ЕП и Извештајот не биде усвоен, поради противењето на бугарските европратеници, барем ќе ни биде јасно за што станува збор – дека не станува збор за реформи во здравството или образованието, инфраструктурата, екологијата или постигнувањето на Копенхашките критериуми, туку за промена или препишување на учебниците по историја во последните 150 години“, кажа Милошоски во емсијата „За или против“.
Извештајот за напредокот на Македонија, кој вклучува „македонски идентитет и јазик“, за кој парламентарната група ЕПП рече дека ќе поднесат амандман за додавање на придавката „модерен“, ќе се дискутира во ЕП на 8 јули.