Минчев: Некомпетентните административци ќе се доедуцираат

од Илинка Илиоска
16 прегледи

Административните службеници кои се сметаат за некомпетентни ќе се доквалификуваат, наместо да се прават кратења во јавната администрација. Новите законски измени за реформи на јавната администрација, кои претходно беа поднесени, па повлечени од претходната Влада, предвидуваат создавање на Академија за администрација, со цел да се овозможи доедукација на кадрите кои веќе се дел од институциите изјави денес министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

Тој потврди дека овие реформи наскоро повторно ќе бидат разгледани на владина седница и подоцна повторно предложени во Собранието.

„Јас сум повеќе за варијантата – во моментов некомпетентните административни службеници да бидат преедуцирани. Секако дека постојат и други решенија, но можеби е интересно решение дел од јавната администрација се намалува по природен пат, по основ на пензионирање, заминување од јавната администрација“, изјави Минчев.

Во однос на барањата на синдикатите за нова методологија за пресметка на платите според просечната плата, Минчев вели дека ќе се бара баланс што ќе одговара на сите страни.

„Ние имаме редовен дијалог со синдикатите, овие закони се во фаза на подготовка и се надевам дека во фазата на конечно решение ќе имаме некаков договор на владино ниво, а не посебно како Министерство за јавна администрација. Секако тоа зависи од состојбата на Буџетот и финансиските импликации односно дали ваквото барање на синдикатите ќе придонесе за еден негативен развој на економската состојба,“ додава министерот Минчев.

Во меѓувреме, вработувањата во јавниот сектор се вршат врз основа на знаење, бидејќи сè уште нема законско решение за правична застапеност.

Слични содржини