Министерката Божиновска дел од приказна за производство на еко хулахопки во Чешка

од Илинка Илиоска
57 прегледи

Чешкиот „Репортер магазин“ пред точно една година ја опиша Сања Божиновска како успешна енергетска консултантка која го промовира својот еколошки бренд на хулахопки и чорапи „Божици“ како свое хоби. Сепак, Божиновска сега се дистанцира од овој бизнис, тврдејќи дека само помага на пријатели од Северна Македонија да го прошират нивниот бизнис во Чешка, објави РСЕ.

Во својот анкетен лист, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, покрај недвижностите вредни над еден милион евра, пријави и сопственост на чешката компанија „Sustainable services“. Оваа компанија, основана на 1 октомври 2007 година, се фокусира на консултантски услуги и недвижности, а не на енергетски проекти како што беше наведено во нејзината биографија.

Божиновска се повлекла од управителската позиција на „Sustainable services“ само две недели пред да ја пријави компанијата во Државната комисија за спречување на корупцијата. Управителската функција ја презел Томе Атанасов, сопственик на „Југоекспорт стил“.

„Sustainable services“ е регистрирана со неколку дејности, вклучувајќи изнајмување, купување и управување на недвижности, трговија и консултантски активности. Компанијата го добила своето име на почетокот на 2024 година, претходно позната како SBMK reality.

Божиновска, исто така, се дистанцира од производството на биоразградливите хулахопки под брендот „Божици“. Според неа, помошта која ја обезбедила на пријателите од Северна Македонија се однесувала на промоција и поставување на интернет страница, а не на производствени активности. Сепак, претходните објави во медиумите и на веб-страницата на „Божици“ покажуваат дека Божиновска активно промовирала хулахопките и учествувала во настани поврзани со брендот.

Министерката тврди дека нејзината компанија „Sustainable services“ нема никаква врска со производството на хулахопките и дека не постојат деловни трансакции со Северна Македонија од 2007 до 2024 година. Сепак, како што пишува РСЕ, информациите од медиумите и интернетот ги потврдуваат нејзините вклучености во промоцијата на „Божици“ и активностите на брендот.

 

Слични содржини