Министерката Шахпаска учествуваше на Подготвителниот состанок за нацрт Програмата на економски реформи 2021 – 2023

302 прегледи

„Министерството за труд и социјална политика во областа на пазарот на трудот во изминатите години активно учествуваше во делот на структурните реформи кои се дел од економските реформски програми, како што беше развојот и имплементацијата на индивидуалните планови за вработување кои ги спроведува Агенцијата за вработување, Гаранцијата за млади и  Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018-2022 година“, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на Подготвителниот состанок за нацрт Програмата на економски реформи 2021 – 2023.

Осврнувајќи се на мерката 12- Воведување на механизми за формализација на неформалната работа во сектори со најголема веројатност дека постои непријавена работа, министерката информираше дека со цел имплементацијата на Стратегијата и Акциските планови за формализација на неформалната економија, со поддршка од Европската комисија се отпочна со проектот ,,Подобрување на условите за работа’’ каде што дел од активностите се фокусирани на имплементација на механизми за формализација на неформалната економија.

Министерството за труд и социјална политика е носител и на мерката 19: Зајакнување на системот за социјална инклузија на ранливи категории на лица. Активностите опфатени со мерката се групирани во две компоненти: 1) Активација на лица од ранливи категории на пазарот на труд и 2)Подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги.

„Од голема важност е поврзувањето на социјалната помош со активацијата на корисниците на ГМП, односно соработката помеѓу службите за вработување и социјална заштита, со цел да се поддржат и активираат корисниците на ГМП кои се вработливи. А во завршна фаза е прилагодувањето на софтверското решение на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика, со што ќе се овозможи  размената на податоци во реално време и заедничко изготвување на индивидуален план за најлесно вработливиот член на домаќинството,“посочи министерката Шахпаска.

Дополнително, истакнa дека  во 2022 ќе се  модернизира законската рамка за вработување, вклучително и професионална рехабилитација на лица со попреченост, како особено ранлива група. Притоа, ги посочи социјалните претпријатија како особено значајни во создавање работни места и интеграција на најранливите категории на пазарот на трудот, вклучувајќи и лица со попреченост.

За таа цел,посочи министерката дека  во текот на 2021 и 2022 ќе биде обезбедена финансиска и техничка поддршка за основање или водење на социјални претпријатија, коишто се фокусирани на работна интеграција на ранливите лица.

Во однос на втората компонента на мерката која се однесува на подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги, министерката информираше дека во текот на 2020, Министерството за труд и социјална политика склучи управни договори со три даватели на услуги, а со 17 општини склучи договори за доделување на грантови за воспоставување и развој на социјални услуги.

„Во следните три години ќе работиме и на зајакнување на системот за следење, надзор и гарантирање на квалитетот на социјалните услуги на локално и национално ниво, за сите видови социјални услуги предвидени во Законот за социјална заштита,“ посочи министeрката.

Слични содржини