Министерот Спасовски се сретна со словенечкиот колега Поклукар

од Radmila Tasevska

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Љубљана оствари тет-а-тет средба со својот словенечки колега, Боштјан Поклукар, по што следеше билатерална средба помеѓу македонската и словенечката делегација, соопшти МВР.

Поклукар му посакал добредојде на министерот Спасовски и македонската делегација и изразил огромна  благодарност во негово и во име на словенечкиот народ за хуманиот гест помош која што беше упатена од РСМ за време на катастрофалните поплави што во август ја зафатија Словенија.

-Ме радува фактот што и во оваа прилика можам да се уверам дека позицијата на Република Словенија во однос на Република Северна Македонија е јасна – постои сестрана, континуирана и принципиелна поддршка за процесот на интеграција на нашата земја во ЕУ. Оваа поддршка  постојано е повторувана од страна на нашите пријатели од  Словенија, која ја брани европската перспектива на Република Северна Македонија во сите структури на ЕУ и во билатералните консултации со трети земји, рекол министерот Спасовски.

Словенија, поочил, активно го поддржува вклучувањето на Република Северна Македонија во новата програма и стратегија на ЕУ, ги поддржува активностите насочени кон трајна стабилизација на регионот и негова интеграција во ЕУ, а двете држави успешно соработуваат и во рамките на регионалните иницијативи.

Истакнувајќи дека основните надворешно политички приоритети на Северна Македонија кореспондираат со заложбите на Република Словенија за унапредување и зацврстување на добрососедските односи и соработка во Југоисточна Европа, Спасовски додал дека  се остварува и потојана успешна соработка во рамките на Централно-европската иницијатива.

-Како што знаете, регионот и натаму се соочува со многу безбедносни предизвици од кои би ги издвоил недозволената трговија со дрога, борбата против тероризмот и радикалниот екстремизам, финансискиот криминал и сите видови на организиран криминал, што пак, нам како министри ни налага непосредна и блиска соработка помеѓу нашите две Министерства како на билатерално, така и на регионално ниво. Спречувањето на илегалната миграција и воопшто менаџирањето на миграциските текови се теми кои се во фокусот на дискусија на сите поголеми настани и на експертско и на стратешко ниво, а убеден сум во оваа насока, дека единствено со заеднички напори можеме да постигнеме решение на заедничкиот проблем, истакнал министерот Спасовски.

Навраќајќи се на билатералната соработка,  изразил благодарност до колегата Поклукар и до МВР на Република Словенија за позитивниот одговор на официјалното писмо во кое се бараше поддршка за Одделот за воздухопловни единици во форма на донација на хеликоптерски делови, а кое денеска се заокружува со потпишување на Меморандум за обезбедување развојна помош помеѓу МВР на Република Северна Македонија и МВР на Словенија за Одделот за воздухопловни единици.

-Во истата насока на натамошно продлабочување на заемната соработка, би сакал да предложам реактуелизирање на преговорите, а понатаму и потпишувањето и најважно, ефектуирање на Меморандумот за соработка во областа на заеднички обуки кој дополнително ќе ги зајакне капацитетите на полициските службеници и ќе придонесе и кон меѓусебното вмрежување и размена на искуства, рекол Спасовски.

Слични содржини