МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА НА БЕЛОРУСИЈА: Не сакаме да се бориме со Литванците, Полјаците или Украинците

од Vladimir Zorba
198 прегледи

Министерот за одбрана на Белорусија, Виктор Кренин денеска ја отпиша можноста неговата земја активно да учествува во војната во Украина, откако авторитарниот претседател на земјата Александар Лукашенко најави доаѓање на неколку илјади руски војници во Белорусија.

„Ние не сакаме да се бориме со Литванците, ниту со Полјаците, ниту со Украинците“, рече Кренин во денешната видео изјава.

Лукашенко претходно го најави пристигнувањето на руските војници во Белорусија и ја предупреди украинската влада да не ја напаѓа таа земја и покрај отсуството на какви било индикации дека се планира таков напад.

Александар Алесин, независен воен аналитичар од Белорусија, смета дека неговата земја би можела да биде домаќин на меѓу 10.000 и 15.000 војници од Русија и дека од ова може да се формираат заеднички воени сили до 60.000 војници. Сепак, додаде Алесин, Минск не е подготвен да испрати војници во Украина.

Според некои извештаи, Кремљ сака неговиот сосед да распореди нуклеарно оружје на негова територија.

Алесин ова го коментираше велејќи: „Во Белорусија веќе се распоредени ракети од типот Искандер-М. На нив може да се постават нуклеарни боеви глави од 50 килотони со дострел до 500 километри“.

Според него, некои белоруски бомбардери Су-24М биле модифицирани во руските фабрики за да можат да носат нуклеарни бомби. Сепак, додаде тој, „Минск јасно пропишува дека руското нуклеарно оружје може да се распореди во Белорусија само доколку (американското) нуклеарно оружје се распореди во соседна Полска“.