Министерство за одбрана: 2020-та, година на најголемите успеси во одбраната, година на НАТО – членството

279 прегледи

Годината која светот ќе ја запамети по здравствената криза предизвикана од пандемијата на корона – вирусот, во одбраната беше успешна година, година на полноправно членство на нашата татковина во НАТО. Северна Македонија после три декади успеа да го исполни својот сон, да заокружи една стратегиска цел, а тоа е членството во најмоќниот воено-политички сојуз во историјата на човештвото. 27 март 2020 е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата историја. Претходеше брза ратификација на Договорот за членство на Северна Македонија во НАТО во парламентите на земјите членки, кои доследно го спроведоа процесот на ратификации и во услови на светска пандемија.

Со членството во Алијансата ја зацврстивме безбедноста дома, но и во регионот, каде станавме значен фактор на стабилност. Како членка на НАТО, ја започнавме првата Air Policing НАТО мисија која е ексклузивна придобивка за земјите членки на Алијансата со цел заштита на интегритетот на воздушниот простор на сојузничките држави. И покрај предизвиците со кои се соочувавме, особено во време на пандемија која целосно го промени начинот на живеење и работење, во одбраната продолживме да ги спроведуваме активностите за целосно интегрирање во структурите на НАТО. Го добивме првиот пакет на НАТО цели и способности и започнавме со трансформација на Армијата.

Армијата оваа 2020 година, уште еднаш покажа дека постои за граѓаните. Го помагаме здравствениот систем со медицински персонал од Военомедицинскиот центар. Вкупно 110 лица беа ангажирани во помошта на јавното здравство во КОВИД центрите низ државата, од кои 17 доктори, 47 медицински техничари и 46 ангажирани како помошен персонал. Даваме медицинска поддршка за работата на здравствените установи, обезбедивме воено-санитетски возила за јавното здравство. Ја поддржуваме полицијата во обезбедување на виталните државни објекти, се грижиме за безбедноста на границите, ја поддржуваме локалната самоуправа во справувањето со последиците од пандемијата. Од норвешката донација од 13.500 брзи тестови, 10.000 отстапивме за тестирање на граѓаните. Продолжуваме да бидеме столбот на кој можат да се потпрат граѓаните во оваа сериозна здравствена криза.

Се фокусиравме и на развојот на Армијата. По двете покачувања на платите за припадниците на Армијата во 2019-та, во 2020 ги покачивме платите на цивилниот персонал во Армијата за дополнителни 10 проценти. Од март како надоместок за закупнина, секој припадник на Армијата добива околу 8.000 денари секој месец. Тоа се повеќе пари за војниците, поголем буџет за нивните семејства. Прв пат сите припадници добија бенефициран стаж. Се обезбедија повисоки надоместоци за пилотите, воздухопловниот кадар, медицинските лица, критичните специјалности, за припадниците кои се дел од нашата НАТО – единица, Лесната пешадиска борбена група. Припадниците на Армијата вклучени во борбата со пандемијата добија поголеми дневници.

Годинава што изминува работевме на условите за работа, за можностите за обука. Пробивме нови патишта на „Криволак“ кој е нашата лична карта во НАТО. Обновивме дел од постојната инфраструктура во овој полигон, и тоа целосно со наши сили. На овој полигон се реализираше колективната обука на нашата НАТО – декларирана единица со тим од Обединетото Кралство, а следната година ќе ја реализираме вежбата „Одлучен удар“ 2021 каде ќе учествуваат околу 2.000 припадници на Армијата на Република Северна Македонија со армиите на САД, на Бугарија и на Грција. Создаваме полигон со сите услови за изведување на НАТО обуки.

Го продолживме и процесот на набавка на нова и модерна опрема за Армијата. Армијата доби три нови дополнителни инженериски машини со што вкупната бројка на нови инженериски машини се искачи на 13, а во тек е и набавката на лесни оклопни возила за Лесната пешадиска борбена група која е наша НАТО декларирана единица. Ги подобруваме и условите за работа – целосно реновираме два нови објекти во касарната „Илинден“, а го реновиравме и руинираниот објект во касарната во Куманово, кој денеска е модерен објект во кој е сместена командата на Бригадата на Југоисточна Европа. Набавена беше и комплетно нова спортска опрема, која заедно со инвестициите во спортски справи ќе ни донесе и физички поподготвена Армија. Армијата се опремува, но и подмладува. Во септември примивме 70, пред само неколку дена уште 200 нови професионални војници кои мораа да се изборат за своето место од вкупно 1800 кандидати. Подмладувањето на Армијата продолжува и во 2021 година. По цели 11 години пауза,  за прв пат го започнавме процесот на обновување на подофицерскиот кадар, кој е ’рбетот на Армијата. Следната година Армијата ќе има нови 120 подофицери.

Одбраната е и најтранспарентната институција во државата. Министерството за одбрана е лидер според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации. Први на табелата, пред сите останати централни и локални институции, што е најдобар доказ дека јавниот интерес е наш приоритет, а добрите политики се алатка за подобра одбрана, посилна стабилност и поголема безбедност. Според мерењето на Метаморфозис и Action SEE, одбраната е високо во врвот, на второто место за добро владеење и институционална отвореност. Отвореноста и интегритетот во работењето ја потврди и меѓународното мерење на Transparency International кое нè позиционираше на второто место од земјите во централна и источна Европа според Индексот за интегритет на владите во секторот одбрана. Северна Македонија е подобро рангирана од 4 земји членки на ЕУ и 6 земји членки на НАТО. Започнавме и процес за развој на Центар за справување со дезинформации и лажни вести, затоа што лажните вести станаа прашање од врвен безбедносен приоритет за државата и НАТО.

Во следната, 2021 година продолжуваме да работиме за уште подобра одбрана, уште поразвиена Армија, уште посилна држава. Работиме фокусирани за помодерна опрема, помлада Армија, услови кои доликуваат на НАТО – земја.

Слични содржини