
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги отфрла како клевети, манипулации и дезинформации обвинувањата што на прес-конференција денеска ги изнесе членот на Извршниот одбор на СДСМ и дополнителен заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски, околу испалата на пари на фирми за чистење на каналите за одводнување и наводнување, пренесува „Новатв“.
Од Министерството велат дека не делеле тендери на фирми блиски до власта, а доказ за тоа е што во три од последите пет години, за голема сума на пари, каналите ги чистела „фирмата блиска до кланот“ на лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, АДГ „Пелагонија Струмица“.
„Како што може да се види од официјалните податоци, АДГ ‘Пелагонија Струмица’ добила 5 тендери и на нејзината сметка, за исчистените канали се исплатени безмалку 36 милиони денари (околу 585.000 евра). Тоа е 20 отсто од, според Љупчо Николовски и СДСМ, ‘сомнително и незаконско исплатените околу 3 милиони евра’“, се вели во реакцијата од Министреството за земјоделство.
Оттаму нагласуваат дека кои фирми ќе ги чистат каналите било одредено на тендер, со јавна електронска аукција, а договори биле склучени со оние фирми кои дале најповолни понуди, односно најниски цени.
„Секое водостопанско претпријатие определува надзор кој на терен ја следи и ја потврдува извршената работа. Сите извештаи за времени ситуации покрај надзорот се потпишани од изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ“, велат од Министерството и додаваат дека министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата, дополнително формирал Комисија за проверка на изведените работи, во која имало членови и од други државни институции./Meта