Министерството за финансии објави дека в понеделник ќе спроведе контроли кај Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и инфлуенсерот Стефан Лазаров, поради сомнежи за организирање на наградни игри без соодветна дозвола. Во дописот од Министерството, кое го објави Канал 5, се нагласува дека тие немаат доставено барање за добивање согласност, ниту, пак, е издадена дозвола за приредување на наградна игра согласно Законот за игри на среќа и забавните игри.
„Во понеделник, надзорните органи од Министерството за финансии ќе извршат контроли и, доколку се утврдат нерегуларности, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законот“, стои во соопштението.
Министерството дополнително укажа дека „гивавеј“ активностите, кои сè почесто се појавуваат на социјалните мрежи, не се директно регулирани со постојниот закон за игри на среќа. Затоа, се разгледуваат можности за воведување на законска регулација за ваквите активности.
Додека Министерството најавува контроли, вниманието на јавноста е насочено и кон продолжениот прекин на издржувањето на затворската казна на Јовановски. Кривичниот суд во петокот одобри нов прекин од 90 дена врз основа на медицинска документација од лекарски конзилиум.
Од Кривичниот суд велат дека судијата за извршување санкции нема законска надлежност да ја проверува веродостојноста на медицинската документација, туку постапува исклучиво врз основа на поднесените докази.