Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија одговори на обвинувањата од Синдикатот на културата на РСМ (СКРМ) во врска со доцнењето на исплатата на платите за вработените во НУ „Охридско лето“ за месец август 2024 година. Според Министерството, причината за доцнењето на платите е поврзана со неправилности во пресметката на платите од страна на управата на „Охридско лето“, а не со одложувања или неажурност од страна на Министерството.
Во соопштението се наведува дека Националната установа „Охридско лето“ е должна да го почитува Законот за буџети и Законот за извршување на буџетот за 2024 година, кои ги регулираат обврските за наменско и законито користење на средствата. Министерството ја потенцира важноста на рационалното и ефикасно управување со буџетските средства, истакнувајќи дека буџетските корисници не смеат да преземат обврски или да направат расходи над лимитот на одобрените средства во буџетот.
„Исплатата на плати на буџетските корисници од централната власт, како и на единките корисници, ја одобрува Министерството за финансии. Притоа, раководните лица на буџетскиот корисник се одговорни барањето за исплата на средства да биде во согласност со закон,“ се наведува во соопштението.
Министерството објаснува дека извршена е проверка на пресметката на платите за август, која мора да биде во согласност со Законот за работните односи, Колективниот договор за културата, како и Законот за извршување на буџетот за тековната година. Исто така, се потенцира дека исплатата на додатоците за прекувремена работа, работа на неделни одмори и празници е строго регулирана и мора да биде одобрена согласно обезбедените буџетски средства.
„Во овој случај, пресметката за платите за август 2024 година не е доставена во исправна форма и без додатоците, иако Министерството за култура и туризам испрати писмено барање до НУ ‘Охридско лето’ да ја коригира и достави нова пресметка без вклучени додатоци. Досега не е постапено по ова барање,“ соопштува Министерството.
Министерството исто така информира дека за случајот се известени Министерството за финансии – Сектор за финансиска инспекција, Државниот инспекторат за труд и Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор. Сè уште се чекаат конечните извештаи од овие органи за исправноста или неисправноста на пресметката на платите за месеците јуни, јули и август 2024 година.
„Со цел да не дојде до застој во правата на вработените од работен однос, Министерството за култура и туризам препорача вработените да побараат пресметката на додатоците на плата да се реализира преку користење слободни денови или прекувремени часови, како што е предвидено со закон,“ додаваат од Министерството.
Во однос на обвинувањата на СКРМ дека Министерството за култура не го почитува Законот за извршување на буџетот, Министерството тврди дека ги презема сите потребни мерки и дејствија во согласност со законските одредби и мислењата добиени од Министерството за финансии.
Министерството исто така, нагласува дека очекува дијалог за решавање на сите отворени прашања и дека јавноста треба да биде правилно и вистинито информирана, со цел да се избегнат недоразбирања и неосновани обвинувања.