Министрите за надворешни работи на Г7 ја потврдија нивната заедничка посветеност на безбедноста, економското закрепнување и европската перспектива на Западен Балкан како клучни инвестиции за мир и стабилност и го поддржаа понатамошниот напредок во регионалната соработка преку двете агенди предводени од Советот за регионална соработка, Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан, и Берлинскиот процес.
Во заедничката изјава, министрите ги повикаа Косово и Србија да се вклучат конструктивно во преговорите за дијалог со посредство на ЕУ и целосно да ги нормализираат своите односи преку сеопфатен и правно обврзувачки договор што придонесува за регионалната стабилност.
Министрите на седумте најразвиени западни земји исто така го поддржаа официјалното отворање на преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија и спроведувањето на реформската агенда поврзана со преговорите за пристапување во ЕУ со Црна Гора и Србија, се вели во заедничкото соопштение издадено од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Во заедничката изјава министрите за надворешни работи на Г7 остро го отфрлија секој обид за нарушување на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, посочувајќи дека неоправданите шпекулации за промена на границата по етничка линија не се решение за предизвиците со кои се соочува регионот и дека таквите промени ќе претставуваат закана за регионалната безбедност.
Министрите ги повикаа сите партии во БиХ да се договорат и спроведат изборни и ограничени уставни реформи, да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да соработуваат тесно со Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ и Венецијанската комисија за приближување на земјата до реализација на демократските аспирации.