Министрите за надворешни работи на Г7 денеска истакнаа дека мора да продолжат да му помагаат на Западен Балкан да ја намали својата зависност од руската енергија и ги повикаа земјите во регионот целосно да ја усогласат својата надворешна политика со ЕУ, вклучително и санкциите кон Русија и нивното спроведување.
Белград и Приштина се повикани да се вклучат конструктивно во дијалогот со посредство на ЕУ, да ги спроведат целосно сите претходни договори без одлагање и да ги нормализираат односите преку сеопфатен и правно обврзувачки договор, кој ќе ги овозможи европските перспективи, ќе придонесе за регионалната стабилност и ќе има корист за сите луѓе во регионот, според заклучоците на министрите за надворешни работи на Г7, објавени на веб-страницата на германското Министерство за надворешни работи.
Министрите за надворешни работи на Г7 ја потврдија својата посветеност на европската перспектива на Западен Балкан за обезбедување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот.