Миноски: Исклучувањето на цигари и алкохол од кошничката е оправдано, но да се внимава да не се елиминираат и сезонски продукти кои реално се дел од секојдневната исхрана

од Nikola Popovski
242 прегледи

Сменета е насоката на расправата за зголемувањето на минималната плата кон тоа што треба да содржи минималната потрошувачка кошница. Ако пред два месеци постоеше предлог кошничката да биде формирана од неколку членови од различни тела и дека таа ќе биде основна институционална кошничка и ќе ги земе во предвид сите потрошувачки елементи кои се релевантни, сега веќе надлежните објавија дека таа е скоро готова. Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески информира дека се финализираат уште некои работи и во неа како што напомена нема да има цигари и алкохол и сезонско овошје кое не е карактеристично за периодот од годината туку ќе биде квалитетно направена кошничка со квалитети податоци.

Она што се знае е дека повеќе нема да се користи терминот минимална, ќе биде просечна кошничка и наместо за четиричлено, ќе биде за тричлено семејство. Дел од експертите и познавачите на состојбите бараат методологијата мора да биде објективна, транспарентна и во согласност со меѓународни стандарди. Според поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, препораките на Меѓународната организација на трудот (ILO) се добра основа, бидејќи овозможуваат пресметка на минималните трошоци на живот на репрезентативен начин, земајќи ги предвид сезоналноста, регионалните разлики и реалните потреби на едно семејство.

-Исклучувањето на артикли како цигари и алкохол е оправдано, но треба да се внимава да не се елиминираат и сезонски продукти кои реално се дел од секојдневната исхрана, посочува експертот во разговор за „Локално“.  Сепак, посочува дека прашањето не е толку дали е потребна „нова“ кошничка, туку дали постојната се пресметува врз основа на релевантна методологија што ќе биде прифатена од сите засегнати страни.

-Само таков пристап може да обезбеди реална слика и доверба во податоците – без оглед дали ги објавува синдикатот или Државниот завод за статистика, посочува Миноски.

Запрашан зошто наместо мерки за поголеми плати и животен стандард, се почна битка со синдикатите, соговорникот оценува дека неопходно е да се направи јасна дистинкција помеѓу јавниот и приватниот сектор.

-Во приватниот сектор, клучен приоритет треба да биде создавање услови за продуктивен раст и зголемување на платите преку поддршка на бизнисите, иновациите и нивната интеграција во глобалните синџири на снабдување. Зголемувањето на платите тука е директно поврзано со растот на продуктивноста и конкурентноста. Дополнително, состојбата во приватниот сектор во однос на синдикалното организирање и заштитата на работничките права е посложена, и таа зависи од капацитетот на државата да обезбеди ефективен надзор врз спроведувањето на законите и колективните договори, објаснува екс-министерот.

Јавниот сектор, додава Миноски, се соочува со структурни ограничувања. Според него, секоја значителна корекција на платите во овој сектор има директни импликации врз јавните финансии и го продлабочува предизвикот со финансирањето на буџетскиот дефицит.

-Наместо конфронтации, потребен е конструктивен социјален дијалог заснован на реални економски параметри и долгорочна одржливост. Паралелно, мора да се отвори сериозна дискусија за сеопфатна реформа на јавната администрација и воспоставување јасни индикатори за нејзина ефикасност, советува експертот.

ССМ ја креира синдикалната минимална кошница од 2010 година. Државните органи тогаш одлучија дека нема логика во нивните пресметки за тоа со колку пари може да се преживее во месецот. Европската комисија нема директива по однос на потрошувачката кошница и секоја држава во регионот и Европа има и синдикална и кошница која ја формираат институциите.

Синдикатот измери дека во февруари месечните трошоци се зголемиле за над 500 денари. Според, анализата на едно четиричлено семејство за да го истурка месецот и да ги покрие само основните потреби му се потреби над 63 илјади денари. Со вклучување на кирија за стан пак достигнуваат и до 80 илјади денари. Најголем дел од парите во месецот одат за храна, повеќе од една минимална плата, за која синдикатот уште пред изборите лани води преговори за да се покачи и да биде околу 450 евра.

Во синдикалната минимална кошничка влегуваат 63 производи.

Н.П.

Слични содржини