Миноски: Ревизија на „недела неработен ден“ може да биде оправдана доколку одредени сектори имаат објективна потреба да работат во недела

од Nikola Popovski
634 прегледи

Мерката за новогодишната кошничка е краткорочна и со ограничен опсег врз животниот стандард. Иако кај дел од производите има намалени цени, трговците претходно веќе ги зголемија цените, што значи дека намалувањето е повеќе козметичко отколку суштинско, вели во интервју за „Локално“, поранешниот министер за финансии и екс-директор на УЈП, Кирил Миноски за економските мерки и владините кошнички за секоја годишна сезона.

Во однос на пристапот кон трговците и усогласеноста со законските прописи, Миноски посочува дека важно е да се разбере дека не може да се потпираме само на санкциите. Според него, меѓународната теорија на усогласеност, која се применува во практиката од страна на многу регулаторни агенции, вклучува и концепт наречен „пирамида на усогласеност“.

-Проблемот со егзодусот на младите од Македонија е комплексен и тесно поврзан со структурните проблеми кои го оптоваруваат општеството. Клучните мерки за спречување на иселувањето треба да се насочат кон создавање поволна деловна клима, инвестиции во образованието и технолошкиот развој, како и конкретни стимулации за враќање на дијаспората, вели Миноски запрашан што треба конкретно да се стори со цел сопирање на егзодусот од земјава.

На актуелната тема околу евентуално укинување или менување на „недела неработен ден“, екс-министерот оценува дека ревизијата на оваа мерка може да биде оправдана доколку одредени сектори имаат објективна потреба да работат во недела. Сепак, дециден е дека укинувањето на концептот би било чекор наназад.

-Неопходно е ревизија на професиите со бенефициран стаж, бидејќи постојат значителни аномалии споредено со европските држави, што предизвикува одлевање на средства од пензискиот фонд, ни рече Миноски кога го запрашавме каков е неговиот коментар на препораката на Фискалниот совет, старосната граница за пензија да се зголеми на 67 години и за мажи и за жени од 2026 година.

Новогодишната кошничка е манипулација, трговците веќе ги зголемија цените, велат од опозицијата за производите, за кои од Владата дека веќе обелоденија дека над 1.000 се со намалени цени. Цените во маркетите генерално не се намалуваат, па дали е оваа вистинска мерка за подобрување на животниот стандард на граѓаните?

-Мерката за новогодишната кошничка е краткорочна и со ограничен опсег врз животниот стандард. Иако кај дел од производите има намалени цени, трговците претходно веќе ги зголемија цените, што значи дека намалувањето е повеќе козметичко отколку суштинско. Впрочем тоа беше кажано и од страна на Владата која исто така не е задоволна од ефикасноста на спроведување на мерките. Вистинскиот напредок во животниот стандард бара долгорочни структурни политики: стимулирање на домашното производство, контрола на монополите и подобрување на конкурентноста. Проблемот е сериозен и бара интервенции насочени кон страната на понудата, наместо едноставни мерки за контрола на цените.

Нема да има казни доколку некој од трговците не ги почитува насоките. Како го оценувате овој ваков пристап?

-Во однос на пристапот кон трговците и усогласеноста со законските прописи, важно е да се разбере дека не може да се потпираме само на санкциите. Меѓународната теорија на усогласеност, која се применува во практиката од страна на многу регулаторни агенции, вклучува и концепт наречен „пирамида на усогласеност“. Оваа теорија го објаснува однесувањето на економските субјекти во однос на нивната подготвеност да ги исполнат законските обврски.

Пирамидата на усогласеност вклучува четири категории:

–Доброволна усогласеност (60-70%) – Економските субјекти во оваа група доброволно ги исполнуваат своите обврски без потреба од интервенција

–Усогласеност со поттикнување (20-30%) – Овие субјекти бараат поттикнување, објаснувања или потсетници за да ги исполнат своите обврски

–Усогласеност преку контрола (5-10%) – Ова се субјекти кои исполнуваат обврски само поради страв од санкции или инспекциски проверки

–Избегнување и измама (1-5%) – Оваа група бара најстроги интервенции

Проблемот кај нас е што најчесто законите и прописите се фокусирани исклучиво на последната категорија економски субјекти, која најчесто немаат намера да ги почитуваат законските прописи. Овој пристап не ги зема во предвид најголемите категории на економски субјекти, кои сакаат доброволно да се усогласат со прописите.
Затоа, пристапот кон трговците треба да биде сеопфатен и да вклучува механизми кои ја поттикнуваат доброволна усогласеност, но истовремено да има и соодветни санкции за оние кои не ги почитуваат законите. За ова да биде ефикасно, потребни се силни и ефикасни институции и инспекциски органи кои ќе обезбедат примена на законите и мерките.

Од една страна премиер кој носи часовник од 60.000 евра, а од друга борба да се преживее месецот. Економски гледано, дали разликите меѓу политичките елити и обичните граѓани растат неповратно?

-Нееднаквостите меѓу политичките елити и граѓаните сè повеќе се продлабочуваат. Политичките елити често се отсечени од реалните потреби на граѓаните, живејќи во свој виртуелен свет што најчесто го формираат преку негативна селекција и злоупотреба на институциите. Главни фактори кои влијаат на растечката нееднаквост се недостатокот на суштински политички и економски реформи, како и корупцијата која е вкоренета во сите сфери на општеството. Ова создава перцепција за систем на неказнивост, каде криминалот не се санкционира, а нелегално стекнатите средства не се одземаат.

Неефикасноста на државата во борбата против криминалот, како и системот на партиократија, кој ја фаворизира партијата пред независноста на институциите, продолжува да ја поткопува довербата на граѓаните во институциите. Ова ја продлабочува општествената и економската нееднаквост, создавајќи јаз помеѓу политичката елита и обичниот народ.

Во вакви услови, неопходно е да се воспостави меритократија – систем во кој чесноста, компетентноста и заслугите ќе бидат основа за напредок и избор на водечки позиции, а не поврзаноста со партијата или лични интереси. Потребно е да се гради позитивен систем на вредности, кој ќе се заснова на транспарентност и отчетност во трошењето на јавните ресурси, како и создавање на политички пример кој ќе ја врати довербата во институциите. Само така ќе може да се постави темел за поконкурентно и праведно општество, каде политичките елити ќе бидат блиски до потребите на граѓаните, а не на својот личен и партиски интерес.

Министерството за економија и труд вели ги презема надлежностите во делот на политиките за вработување и пазар на труд како нова надлежност. Според вас, што треба конкретно да се стори со цел сопирање на егзодусот од земјава?

-Проблемот со егзодусот на младите од Македонија е комплексен и тесно поврзан со структурните проблеми кои го оптоваруваат општеството. Клучните мерки за спречување на иселувањето треба да се насочат кон создавање поволна деловна клима, инвестиции во образованието и технолошкиот развој, како и конкретни стимулации за враќање на дијаспората. Основата на сите овие мерки лежи во борбата со корупцијата и изградбата на општество засновано на вистински вредности, како што се чесноста, правдата и меритократијата.

Владата треба да понуди конкретни субвенции за млади претприемачи, како и олеснување на даночните обврски за новоосновани бизниси, со што ќе се стимулира вклучувањето на младите во економијата. Паралелно со тоа, важно е активно вклучување на младите во креирањето на политиките кои ќе го обликуваат нивниот живот. За да се обезбеди задржување на младите, мора да се понудат мерки кои ќе овозможат полесен пристап до купување на сопствени домови.

Во оваа насока, неопходно е да се интервенира на страната на понудата на недвижности, преку изградба на станови и населби на државно земјиште, по поволни цени кои ќе бидат далеку пониски од моменталните вештачки зголемени цени на пазарот на недвижности. Ова ќе обезбеди младите да останат во земјата и да создадат стабилен животен и професионален пат, наместо да се решаваат за миграција како единствена опција за подобар живот.

„Недела неработен ден“ под ревизија….Одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да можат и во недела да работат, но не и да се укине целосно недела како неработен ден, вели министерот Дурмиши. Сличен став видовме и од министерката за финансии, Димитриеска Кочоска. Дали „на мала врата“ се планира укинување на концептот? Што би можело да се промени?

-Ревизијата на оваа мерка може да биде оправдана доколку одредени сектори имаат објективна потреба да работат во недела. Сепак, укинувањето на концептот на „недела неработен ден“ би било чекор наназад. Потребно е да се воведат строги критериуми кои ќе го ограничат опсегот на изземања за да се зачува балансот меѓу работниот и приватниот живот. Социјалниот аспект мора да биде приоритет, а човековото достоинство и пристојните услови за живот да бидат темел на секоја регулатива.

Екологистите бараат Владата да забрани увоз на возила постари од десет години. Сметате ли дека Владата треба да се одлучи на таков чекор со оглед на тоа што ова може да биде неповолно за посиромашните граѓани кои не можат да си дозволат поскапи автомобили?

-Иако идејата е можеби позитивна од еколошки аспект, не смее да се занемари економската реалност на граѓаните. Владата треба да понуди алтернативи за купување еколошки возила преку намалување на цените за нови возила кои споредбено со регионот имаат највисока цена, преку креирање на иновативни модели на финансирање на купувањето на нови автомобили прилагодени на буџетот на просечното македонско семејство. Секоја мерка треба да се базира на темелна компаративна анализа со што ќе се обезбеди нејзината ефикасност и правична примена.

Препораката на Фискалниот совет за покачување на старосната граница за пензија да се зголеми на 67 години и за мажи и за жени од 2026 година, се уште ја вознемирува јавноста. Каков е вашиот став по ова прашање? Какви придобивки може да има продолжувањето на работниот век?

-Просечниот животен век на македонските граѓани се намалува. Зголемувањето на старосната граница за пензионирање можеби ќе има финансиски придобивки за пензискиот систем, меѓутоа се наметнува прашањето какво општество сакаме. Државата може да обезбеди дополнителни приходи во пензискиот систем, на пример преку зголемено учество на државата во користењето на јавните ресурси како минерални богатства, сончева енергија, ветер и слично. На тој начин ќе се обезбедат дополнителни приходи во пензискиот фонд. Понатаму неопходна е ревизија на професиите со бенефициран стаж, бидејќи постојат значителни аномалии споредено со европските држави, што предизвикува одлевање на средства од пензискиот фонд. Не можеме паушално да ја зголемиме границата за сите професии, како на пример рудари, градежни работници, текстилните работници и слично имајќи ги во предвид условите во коишто работат. Истовремено системот треба да обезбеди и флексибилност за постепено пензионирање за психо-физички способни вработени.

Н.П.

Слични содржини