Белорусија ги доживува западните санкции како објавување на економска војна, објави денеска белоруското Министерство за надворешни работи.
„Европската унија продолжува со деструктивните активности против населението со цел, наводно, финансиски да го исцеди режимот. Всушност, ова се граничи со објавување на економска војна“, се вели во соопштението на Министерството, пренесува „Ројтерс“.
Западните сили вчера наметнаа нов бран санкции на Белорусија во координиран одговор против белоруските власти, пратеници и министри од администрацијата на претседателот Александар Лукашенко, чии воздушни сили го пресретнаа авионот на „Рајанер“ што леташе меѓу Атина и Вилнус на 23 мај, принудувајќи го да слета во Минск . Откако авионот слетал, бил уапсен белорускиот новинар Роман Проташевич.
Официјален Минск објави дека санкциите негативно ќе влијаат на интересите на граѓаните на Белорусија и предупреди дека ќе биде принуден да преземе реципрочни мерки кои за возврат можат негативно да влијаат на граѓаните и компаниите од западните земји.