Министерството за информатичко општество и администрација и Фондација Метаморфозис првпат организираат хакатон за отворени податоци, со поддршка на Проектот на УСАИД за Граѓанско учество и Фондот за иновации и технолошки развој.
Како што информираат од МИОА, овој 32-часовен предизвик има цел да собере и поттикне млади, креативни и иновативни луѓе да изработат демо иновативни софтверски и мултимедијални решенија.
-Креираните алатки ќе треба да ги доближуваат отворените податоци објавени од државните институции до граѓаните. Крајниот производ се алатки креирани од граѓаните за граѓаните, стои во соопштението.
На настанот може да се пријави секое лице со наполнети 18 години, поединци или тимови кои работат со обработка и прикажување на отворени податоци од различни области. Потребно е секој тим да биде составен од членови кои имаат познаења во развој на веб-апликации, дизајн, софтвер, економија, бизнис и маркетинг и мултимедија.
Простор за хакатонот ќе обезбеди Фондот за иновации и технолошки развој, а АД Македонски Телеком ќе награден фонд од 5.000 евра за најдоброто решение.
Хакатонот за отворени податоци ќе се одржи од 13 до 14 март 2020 година, а пријавувањето на поединците или тимовите ќе трае до 9 март 2020 година. Регистрацијата е по електронски пат на следниот линк.
Пријавените учесници ќе имаат можност да се запознаат со деталите и концептот на предизвикот за време на буткамп, кој ќе се одржи на 12 март 2020 г. во Скопје, наведуваат организаторите.