Миронски за Програмскиот совет на МРТВ: Минатите искуства покажуваат дека доминантна улога во изборот често имале новинари со блиски врски или отворени симпатии кон одредени партии

Миронски: Постојат многу професионални новинари кои работат согласно етиката и принципите на независното новинарство и навистина заслужуваат да бидат дел од Советот на МРТВ

од Даниел Ѓорѓиевски
86 прегледи

Шест години јавниот сервис – Македонската радио-телевизија функционира со в.д. Програмски совет, тело кое според законот треба да гарантира независност, професионалност и јавен интерес во креирањето на програмската политика. Иако изборот на членови е формално надлежност на Собранието, процесот постојано се одложува, а според упатените, зад ваквата состојба стои политичка калкулација и отсуство на волја за воспоставување вистински автономен јавен сервис.

Во изјава за „Локално“, универзитетската професорка Јасмина Миронски посочува дека во времето кога се реформирала МРТВ, Европската Унија имала значително влијание врз начинот на кој требало да се избираат членовите на Програмскиот совет. Според неа, токму тие високи критериуми биле причина зошто во 2018 година немало доволен број квалификувани кандидати, особено од аспект на академскиот ангажман.

„Во тоа време постоеше тренд, наметнат од Европската Унија, за професионализација на работата на МРТВ како јавен сервис. Во таа насока беа поставени високи критериуми за идните членови на Програмскиот совет. Европската комисија тогаш инсистираше идните членови на Советот не само да бидат признати и истакнати новинари со богато работно искуство, туку и академски ангажирани на еден од универзитетите или институтите во земјава – професионални, независни, успешни и со одлично познавање на англискиот јазик. Во 2018 година, малкумина новинари ги исполнуваа тие услови (особено академскиот дел), а уште помалку меѓу оние кои беа блиски до едната или другата политичка партија. Затоа, според моите сознанија, проблемот не беше само во потребата од двотретинско мнозинство, туку и во фактот дека меѓу пријавените немаше кандидати кои ги исполнуваа сите наведени критериуми и за кои се сметаше дека треба да бидат дел од таа структура“, смета Миронски.

Професорката истакнува дека процесот на избор на нови членови во Програмскиот совет на МРТВ конечно ќе се одвива поинаку од претходно, но и укажува на досегашните слабости кои го компромитираа неговиот кредибилитет.

Според неа, минатите искуства покажуваат дека доминантна улога во изборот често имале новинари со блиски врски или отворени симпатии кон одредени политички партии. Миронски посочува дека јавниот сервис има клучна улога во општеството, но само доколку неговите раководни тела се составени од вистински професионалци, независни од партиски и лични интереси.

„Не сум многу упатена во тоа како сега се одвиваат работите со условите, пријавите и кои се кандидатите, но би сакала да верувам дека ќе биде поинаку. Сепак, досегашното искуство покажува дека доминантна улога во изборот имаат новинарите кои имаат блиски врски или јавно искажани симпатии кон одредени политички партии. Би било одлично ако конечно дошло време работите да се сменат, бидејќи постојат многу професионални новинари кои работат согласно етиката и принципите на независното новинарство и навистина заслужуваат да бидат дел од Советот на МРТВ“, посочо професорката.

Во врска со наодите од ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија, според кои Програмскиот совет на МРТ не донел клучни одлуки неопходни за нормално функционирање на јавниот сервис, а од друга страна одлучувал за прашања надвор од неговата надлежност, универзитетската професорка вели дека не може да даде оценка за ваквите наоди.

„Во врска со ова прашање, навистина не би можела да дадам одговор, со оглед на тоа што не сум запознаена со случувањата на тоа поле во изминатиот период, ниту со тековната состојба во МРТ“, децидна е Миронски.

Иднината на МРТ како јавен сервис, додава таа, зависи од составот на луѓето кои ќе го водат – од членовите на Програмскиот совет, до директорите и уредниците. Таа истакнува дека, иако го познава системот одвнатре, верува дека процесот на длабоки и суштински промени е исклучително тежок.

„Тоа, секако, ќе зависи и од луѓето кои ќе дојдат таму – како од членовите на Програмскиот совет, така и од директорите и уредниците. Со оглед на тоа што имам работено во МРТВ, пред сè на Втората програма на Радио Скопје, но и на некогашната Скопска хроника на Македонската телевизија, многу добро ја познавам работата и начинот на функционирање на овој јавен сервис, и сметам дека е многу тешко да се направат коренити промени“ завршува Миронски.

Д.Ѓ.

Слични содржини