Мисајловски на првиот НАТО состанок со Марк Руте: Главни теми – одбрана, Украина и глобална соработка

од Илинка Илиоска
25 прегледи

Министерот за одбрана Владо Мисајловски од денеска учествува на дводневениот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана, во Брисел. Ова е прв состанок на НАТО на високо ниво по Самитот во Вашингтон и воедно прв состанок што го води новиот генерален секретар Марк Руте.

Од Министерството за одбрана соопштија дека на одделните сесии, главни теми за дискусија се: одвраќањето и одбраната на Алијансата, поддршката за Украина, и зајакнувањето на соработката со земјите од Индо-пацификот.

Целта на состанокот е преглед на имплементацијата на одлуките од Самитот во Вашингтон во насока на зајакнување на капацитетите на Алијансата за одговор на растечките закани и предизвици.
Денеска бил оддржан и состанок на земјите членки на Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во организација на САД, со која претседавал секретарот за одбрана Лојд Остин. Од страна на министерот Мисајловски било потенцирано дека справувањето со тероризмот останува од суштинско значење за колективната одбрана, во рамките на која македонската Влада ќе продолжи да соработува со своите сојузници.

На сесијата со глобалните партнери, на која се разговарало за тековните предизвици и неделивоста на глобалната безбедност, покрај висок претставник на Европската Унија, прв пат биле поканети и министрите за одбрана на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја.

– Посебна сесија е посветена на јакнењето на соработката со Украина и јакнењето на глобалните партнерства. Во присуство на претседателот Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, ќе се разговара за новата НАТО Команда за координација на помош и обука за Украина, финансиската поддршка и за другите иницијативи што ќе овомзможат долгорочна помош, се наведува во соопштението.

На маргините на состаноците, министерот Мисајловски остварил одделни билатерални состаноци со своите колеги од Албанија, Норвешка и Словенија, и се заложил за понатамошно зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната.

Слични содржини